И покрај секојдневните големи бројки на новозаразени од коронавирус, од денеска, согласно одлука на Владата, се отвораат сите гранични премини во Македонија, освен аеродромите.
На сила и натаму остануваат мерките како приложување валиден негативен ПЦР тест при влез во земјава и задолжителна самоизолација од 14 дена. Новина е што странците, наместо како досега да можат да транизитираат низ земјава само преку граничните премини Табановце и Богородица, тоа во рок од 5 часа да можат да го направат и преку другите премини. Владата донесе и протоколи за функционирањето на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување), кој почнува да се применува од понеделник 22 јуни.
Владата донесе одлука од денеска да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, при што за влез во Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.
Останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Република Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.
Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштаат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.
Владата го дополни и Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Македонија.
Од денеска протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ територијата на Република Македонија. Останува одредбата во протоколот која пропишува дека транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.
Донесен е и Протокол за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување), и тој започнува да важи од понеделник, 22 јуни, оваа година.
Протоколот ги уредува процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, потоа препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на КОВИД-19.