Нови 325 случаи на КОВИД-19 од направени 2.589 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство. Починаа седум лица, сите во болнички услови, а оздравени се 479 пациенти.
Според надлежните со вакцинација и почитување на мерките ќе се сузбие пандемијата со КОВИД-19. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека веќе се подготвени листите на здравствени работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат.
Вкупниот број на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.518, бројот на оздравени пациенти е 81.316, на починати е 2.848, а бројот на активни случаи изнесува 8.354. Досега во земјата се направени вкупно 454.608 тестирања на КОВИД -19.
Од новите позитивни на КОВИД-19, најмногу има во Скопје – 151, Тетово – 27, Кавадарци – 17, Охрид – 16, Велес – 14, Куманово – 13, Делчево – 11, Битола и Струга по девет случаи, Гевгелија – осум… Од вкупно 479 оздравени пациенти, во Скопје се 358, Охрид – 46, Струга – 13, Струмица и Прилеп по 11, Кавадарци – девет… Од починатите седум лица, двајца пациенти се од Скопје (89 и 79г), двајца од Охрид (80 и 89г) и по еден од Гостивар (62г), Струга (85г) и Пробиштип (70г). Сите седум пациенти се починати во болнички услови.
Според досега завршените епидемиолошки анализи, во Скопје активни се 4.449 случаи, Охрид – 367, Куманово -365, во Кавадарци активни се 327, Тетово – 315, Велес – 269, Струмица – 258, Гостивар – 206…
Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 611 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид-центрите. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопшти вчера Министерството за здравство.
Министерот Филипче информира дека се подготвени листите на здравствените работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.
Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.
За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се превентивните служби за имунизација во рамки на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и епидемиолошките служби во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.
Според надлежните, вакцинацијата е само една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата. Другите мерки – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена на рацете, заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД-19 и сузбивање на пандемијата.