Владата на вчерашната седница ја прифати Предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во Македонија за 2021 година, во која е содржан план за обезбедување на годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикациии.
– Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за пoeдини вакцинации, видот на вакцини кои се даваат и начинот на давање, календарот за имунизација на деца од нула до 18 години и Календарот за „catch-up“ имунизација за нередовно вакцинираните деца од пет до 18 година, сопшти владината Прес-служба.
Од Владата информираат дека за оваа програма вкупно се одобрени 805 милиони денари од кои 415 милиони наменети за обезбедување на потребните количества вакцини за континуирана вакцинација, минимум потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации, а 390 милиони денари за набавка на Ковид-19 вакцини.
Покрај планираната вакцинација, во борбата против Ковид-19, здравствените власти го вклучија и лекот „Ивермектин“, кој од вчера е достапен за граѓаните во аптеките. Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Како што посочи Министерството за здравство, лекот може да се употребува за домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен. Лекот чини 299 денари.
Статистиката за Ковид-19, како и во претходните недели, и вчера покажа дека се смирува состојбата со епидемијата. Од направени 3.023 тестирања, вчера беа регистрирани 520 нови случаи на позитивни на коронавирусот, што е околу 17 проценти на зарзени. Починаа 12 лица, а оздравеа 372 пациенти.
Од 12-те починати, четири лица се од Скопје (88, 50, 82 и 65г.), еден пациент од Дебар (72г.), двајца од Струга (79 и 81г.), два пациенти од Охрид (94 и 66г.), еден пациент од Струмица (79г.), од Крива Паланка (59г.) и еден пациент од Кичево (70г.). Пациентите починале во болнички услови.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 87117, бројката на оздравени пациенти е 68364, на починати е 2647, а бројот на активни случаи изнесува 16106. Најмногу активни случаи има во Скопје – 9871, потоа следи Тетово со 704, околу 480 има во Куманово и Кавадарци, Гостивар-435, Охрид-419, Прилеп, Велес и Битола имаат околу 350, Неготино, Делчево и Гевгелија околу 200 заразени, а во другите градови се под 200.
Во земјава вкупно хоспитализирани се 736 пациенти и има околу 600 слободни кревети. Во ковид-центрите во болниците низ земјава надвор од Скопје се лекуваат вкупно 403 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во главниот град се хоспитализрани вкупно 333 лица.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 93 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Во скопските болници има околу 190 слободни болнички места.
Од утре, за Србија ќе се патува без задолжителен ПЦР тест. Србија одлучи да го укине задолжителниот ПЦР тестот за влез во земјата за македонските државјани. Оваа информација вчера српската премиерка Ана Брнабиќ му ја соопшти на премиерот Зоран Заев.
Како што информира владината Прес-служба, во телефонскиот разговор меѓу Заев и Брнабиќ, меѓу другото биле изразени честитки за успешна 2021 година, како и желби и интерес за уште подлабока соработка меѓу владите и народите на двете земји во новата година.
– Премиерката Ана Брнабиќ го информираше премиерот Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за граѓаните на Северна Македонија, со што повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји, се додава во соопштението на владината прес-служба.
Од вчерашните информации поврзани со Ковид-19, пристигна и соопштението од василичарските друштва, кои информираа дека се откажуваат од организација на карневалот, се со цел спречување на ширење на коронавирусот.
Василичарските друштва Горна и Долна маала од Вевчани се откажаа од организација на Вевчанскиот карневал, кој традиционално речиси 15 века се одржува на 13 јануари.
Бројот на заразени во светот од коронавирус вчера надмина 91,5 милион лица. Од Ковид-19 се излекувани 65,5 милиони луѓе (97 отсто), а починале 1,96 милиони (три отсто) пациенти.
Во светот моментно има 24 милион активни случаи, од кои 99,5 проценти од пациентите се во полесна здравствена состојба, додека 0,5 отсто се наоѓаат во критична состојба.
Најголем број на заразени случаи со коронавирус има САД со над 23 милиони од почетокот на пандемијата, потоа следуваат Индија со 10,4 милиони, Бразил со 8,1 милион, Русија со 3,4 милиони и Велика Британија со 3,1 милион лица.
Во последната студија на Албанската академија на науките, реалната бројка на заразени со Ковид-19 во земјата е околу 600 илјади лица. Во меѓувреме во земјата вчера, на вториот ден од почетокот на вакцинацијата, беа ванкцинирани 60 здравствени работници, пред се лекари епидемиолози.
Досега во Словенија се вакцинирани повеќе од 20.000 лица, претежно во домовите за стари лица и во болниците.
Седум од десет Грци, односно 74 отсто, сигурно (47 проценти) или веројатно (27 отсто) ќе се вакцинираат против Ковид-19, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Опинион пул“ (Opinion Poll) за грчкиот електронски весник „Политикал“ (Political), јави дописничката на МИА од Атина.
Во Шпанија е регистриано зголемување на бројот на заразени поради преголемо опуштање на Шпанците за време на празниците. Бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во последните две недели се зголеми од 350 на 435 лица на 100.000 жители, а приемот во одделот за интензивна нега, каде пациентите се приклучени на респиратори, се зголемил од 24 на 26.
Европската комисија го извести Европскиот парламент дека најголемата испорака на вакцини против Ковид-19 во ЕУ се очекува во текот на вториот квартал на 2021 година.
Комисијата исто така најави дека платформата на ЕУ ќе започне да работи следната недела, при што земјите членки ќе известуваат двапати неделно за бројот на примени и употребени вакцини.
Во Германија се најавува дека локдаунот би можел да трае до Велигден.
Германската канцеларка Ангела Меркел на состанок на работната група на нејзината партија изјавила дека „локдаунот“ во Германија е во сила и мора да трае уште осум до десет недели, речиси до Велигден, кој оваа година е на 4 април, пишува весникот „Билд“, објавувајќи наслов „Шокантна најава на канцеларката“.
Меркел предупредува на огромниот број заразени случаи со новиот вид на коранавирус кој првично се појави во Велика Британија.
– Ако не успееме да го спречиме овој британски вирус, до Велигден ќе имаме десет пати поголема бројка, истакна Меркел, тврди „Билд“ повикувајќи се на изјави од учесници на состанокот.
Кина вчера затвори 4,9 милиони жители околу Пекинг заради новите случаи поради стравувањата од втор бран во земјата. В четврток во оваа земја ќе стигне истражувачки тим на Светската здравствена организација (СЗО) за да го испитува потеклото на коронавирусот. СЗО вчера соопшти дека истражувачкиот тим нема да има задача да вперува прст и да обвинува, туку научниците ќе имаат задача да го посетат Вухан, местото на првото големо ширење на коронавирусот, и да разговараат со кинеските научници кои работат на Ковид-19.
Во светот е актулено вакцинирањето против Ковид-19. „Фајзер“ и неговиот германски партнер „БиоНТек“ произведоа над 70 милиони дози од својата вакцина против Ковид-19 до крајот на 2020 година, изјави извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.
Компанијата „Модерна“, пак, соопшти дека имунитетот на коронавирусот создаден од нејзината вакцина треба да трае најмалку една година.
„Модерна“ во декември соопшти дека ќе спроведе тестови за да ја потврди активноста на вакцината против кој било вид на коронавирус.
Компанијата очекува во 2021 година да испорача меѓу 600 и една милијарда дози од својата вакцина и предвидува дека на годишно ниво ќе заработи 11,7 милијарди долари од продажбата на вакцината, врз основа на договорот за набавка што го потпиша со владите, пишува „Гардијан“.