Втората по број на жители во Австралија, државата Викторија, размислува за повторно воведување мерки за физичко дистанцирање откако коронавирусот беше потврден кај уште 75 лица во претходните 24 часа, што е најголемо дневно зголемување на бројот на заразени од 11 април.
Порастот на бројот на нови инфекции предизвика стравувања од втор бран на епидемијата во Австралија, каде во последните недели имаше по помалку од 20 нови случаи на Ковид-19 на ден.
Поради влошената епидемиолошка состојба, државата Викторија почна масовно тестирање за коронавирусот, додека надлежните органи најавуваат дека се разгледува повторно воведување на мерката за задолжително физичко растојание.
Викторија во мај почна да ги олеснува мерките воведени еден месец порано за да се забави ширењето на коронавирусот, додека нивно целосно укинување беше најавено за крајот на јули.
Со оглед на тоа што ограничувањата воведени поради пандемијата имаат негативно влијание врз австралиската економија, премиерот на оваа земја ги повика сојузните држави да продолжат да ги олеснуваат мерките.
Во Австралија, потврдено е дека 7.767 лица имаат коронавирус од почетокот на пандемијата, а 104 пациенти починале од ефектите на Ковид-19 досега. Во моментов има 655 активни случаи на инфекција, додека 7.008 лица се излекувале.