Уште еден пациент со индиски сој на вирусот Ковид-19 е регистриран во државата. Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за вакцинирање во Србија, а на сила стапија и новите правила за патување во Грција, кои дозволуваат да се патува и со негативен рапид (брз) тест.
Индискиот сој на вирусот Ковид-19 е регистриран кај пациентот кој бил на работа во Ирак – колега со првооткриениот случај со овој мутиран сој во државата. Пациентот не е во ризик, неговата состојба е под контрола.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера напомена дека епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки.
Тој уште еднаш потенцираше дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот.
-Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов во С.Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини, рече Филипче.
Инаку, на 28 јуни се очекуваат нови 100 илјади вакцини на „Фајзер“ преку КОВАКС-механизмот, а на 27 и 30 јуни треба да пристигнат 500 илјади вакцини на „Синовак“.
Министерот ги повика граѓаните од повозрасна категорија кои се пријавени а уште не се вакцинирани, да аплицираат повторно преку матичните лекари во системот „Мој термин“ за да се коригираат овие пропусти.
Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за Србија на вакцинирање. Во Белград и Ниш и вчера и денеска се ревакцинираат најголемиот број од околу 15.000 македонски државјани кои кон крајот на март ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“.
Дописникот на МИА од Белград јави дека од вчера наутро на Белградскиот саем, во салите 3 и 11 од 8 часот почна ревакцинацијата за македонските државјани и останатите странски граѓани.
На Белградскиот саем денеска треба да се ревакцинираат 5.000 странски државјани. Македонските државјани и вчера и денеска се ревакцинираат и во Ниш, во салата Чаир, а термин за повторна вакцинација имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во Ниш ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.
Според директорот на Здравствениот дом во Ниш, Милорад Јеркан, сите кои во Ниш ја примиле првата доза ќе можат да ја примат и втората доза.
Инаку, согласно новите правила во Грција, македонските државјани ќе можат да патуваат во оваа земја и со негативен антигенски рапид (брз) тест направен 48 часа пред пристигнувањето, јави вчера дописничката на МИА од Атина.
Исто така, деца до 12-годишна возраст нема потреба да имаат негативен тест, а постари од 12 години треба да поседуваат брз или ПЦР тест.
Освен двете промени, останатите правила се исти како и претходно и ќе бидат во сила до 26 јуни оваа година.
За патување кај јужниот сосед задолжителен е документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот.
Кон Република Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време.
Со оглед на тоа што Грција, веќе го воведе дигиталниот Ковид сертификат, додадена е и оваа можност како алтернатива, односно туристите можат да влезат во земјата со ваков сертификат во дигитална или печатена форма, кој треба да ги содржи податоците во врска со вакцинацијата или резултатот од последната проверка со употреба на брзи антигени тестови или ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
Што се однесува до бројот на новозаболените од Ковид-19, вчера во земјава беа регистрирани четири нови случаи, од направени 3.074 тестирања. Едно лице почина, а оздравени се 68 пациенти.
Четирите нови случаи со Ковид-19 се од Скопје, Прилеп, Тетово и Кочани.
Досега во земјата се направени вкупно 851.408 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.616. Бројката на оздравени пациенти е 149.790, на починати е 5.475, а на активни случаи изнесува 351.