Состојбата со Ковид-19 во земјава и натаму се стабилизира. Во 19 градови во државата повеќе нема позитивни на коронавирусот. Ако пред еден месец бројот на активни беше околу 1.000 случаи, вчера тој беше 130, од кои во Скопје има уште 54, во Тетово 15, Кичево 14, Куманово 10.
И во текот на претходното деноноќие не беше регистриран ниту еден смртен случај, а беа регистрирани 27 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 893.681 тестирања на Ковид-19.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.716, бројот на оздравени пациенти е 150.100, на починати е 5.486.
Комисијата за заразни болести вчера оцени дека нема потреба за воведување на нови ограничувања, но и некакви рестриктивни мерки во однос на штитење на границите од ширење на делата сојот при влез на странски државјани во нашата државата.
Од Министерството посочуваат дека ја следат епидемиолошката состојба во земјава и регионот.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во гостување на „Утрински брифинг“ рече дека ситуацијата е многу мирна, нема ниту еден знак дека е можно да има влошување на епидемиолошката слика и повеќе денови по ред нема притисок по болниците.
– Нема пријавување, нема наплив на пациенти ниту во амбулантите, што ни укажува и потврдува дека ситуацијата е прилично мирна. Ја следиме ситуацијата и во околните земји. Насекаде во регионот е мирно. И во Србија и во Албанија. Ги следиме и земјите каде нашите граѓани заминуваат за летните одмори. Има лесно зголемување на бројката на позитивни случаи во Грција, но сметам дека тоа не е алармантно, изјави Филипче, според кого, ако продолжи вака ситуацијата, летови не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки.
Министерството за здравство во моментов е концентрирано на вакцинацијата. Планот е до крајот на неделава да бидат вакцинирани половина милион граѓани, соопшти минатата недела Филипче.
Од Берлин вчера пристигна информацијата дека Германија ќе им даде три милиони дози вакцини против Ковид-19 на земјите од Западен Балкан.
– И тоа ќе го сториме што е можно побрзо, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференција по „Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан 2021 година“, на кој таа беше домаќин.
Министерството за здравство вчера соопшти дека од 12 јули ќе може да се вакцинира секој без оглед дали е пријавен или не преку веб-страницата vakcinacija.mk.
– Секој кој сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk, информираат од Министерството.
Оттаму соопштуваат дека почнувајќи од 12 јули вакцинацијата против Ковид-19 ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација.
Министерот Филипче вчера на работен состанок со директорите на здравствените домови во државата и членови на Националната работна група за Ковид-19 вакцинација, ги утврдуваа насоките за организација на теренска вакцинација којашто треба да започне од следната недела.
Здравствените домови, како што соопшти Министерството за здравство, до петок треба да изготват план и организација за секој ден, време и место на теренската вакцинација.
Поради стабилната епидемиолошка ситуација се бара зголемување на бројот на деца згрижени во градинките.
Министерството за труд и социјална политика од Комисијата за заразни болести побарала да дозволи дополнително зголемување на бројот на деца кои ќе бидат згрижени во градинките согласно постојната епидемиолошка ситуација.
Шахпаска информира дека испратиле и допис до Министерството за здравство и во еден наврат ја зголемивме бројката наместо 15, 20 деца да бидат во групите.
– Сега испративме нов допис со оглед на епидемиолошката остојба во државата која е стабилна да може да се зголеми бројот на деца, секако со почитување на мерките за превенција од инфекција со коронавирусот, рече Шахпаска.
Според светската статистика, во светот досега се заразиле околу 185 милиони луѓе, починале речиси четири милиони лица, оздравеле околу 170 милиони жители.
САД се најтешко погодени според бројот на смртни случаи и инфекции, со 605.526 смртни случаи и 33.717.574 заразени лица. По САД, најтешко погодени земји се Бразил со 524.417 смртни случаи и 18.769.808 случаи на инфекција, Индија со 402.728 смртни случаи (30.585.229 инфицирани), Мексико со 233.622 смртни случаи (2.540.068 заразени) и Перу со 193.230 смртни случаи (2.065.113 заразени).
Меѓу најтешко погодените земји, Перу е земја со најголем број жртви според бројот на жители, 586 на 100.000 жители. Следат Унгарија (311), БиХ (295), Чешка (283) и Северна Македонија (263).
Американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи изјави дека 99,2 проценти од луѓето кои починале во САД од последици од Ковид-19 не биле вакцинирани.
Тој за Ен-Би-Си изјави дека е тажно и трагично што повеќето од овие смртни случаи можело да бидат избегнати со вакцината, а тоа не се случило.
Блумберг“објави дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Сејшелски Острови и Бахреин се трите земји кои водат во светот во однос на вакцинирањето на нивното население против коронавирусот.
Според нивните процени, врз основа на официјални податоци и изјави, до завчера се вакцинирале 72,3 отсто од жителите на ОАЕ.
На Сејшелите се вакцинирале 71,7 отсто од популација од околу 100 илјади луѓе. Во Бахреин, каде има околу 1,5 милиони жители, дадени се 2,07 милиони вакцини. Ова се претпоставува дека е доволно за да се заштитат 69,7 отсто од населението.
Ефикасноста на вакцините против делта сојот на коронавирусот во Израел опадна од 94 на 64 отсто.
Намалената ефикасност на вакцината е забележана од 6 јуни, пет дена откако во земјата беа укинати речиси сите ограничувања против Ковид-19.
Израелскиот весник „Хаарец“ јави дека 90 проценти од новозаболените лица во последните две недели се заразени со делта сојот.
Според податоците на Министерството за здравство, собрани од 2 мај до 5 јуни, пред појавата на најновата инфекција, ефикасноста на вакцините во спречување на инфекцијата била 94,3 проценти.
Слично намалување на ефикасноста е забележано и во превенцијата на сериозните болести кај оние кои примиле две дози на вакцина.
Во Грција од минатата седмица е забележано значително зголемување на активните случаи, од 75 отсто.
– Имаме нешто повеќе од 6.000 активни случаи, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешниот состанок со претставниците на униите на општини и периферии и додаде дека е прашање на време кога и во Грција ќе почне да преовладува делта сојот, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за важноста на вакцинацијата, Мицотакис истакна дека согласно податоците од изминатите три месеци, 99 отсто од лицата на возраст од 60 до 80 години, кои биле хоспитализирани во тешка состојба на одделите за интензивна нега или починале од Ковид-19, биле невакцинирани.
Комисијата за вакцинација на Грција даде позитивно мислење за доброволна вакцинација на децата од 15 до 17 години со согласност од родител или старател, а следната седмица ќе биде отворена платформата за закажување термин.
За разлика од Грција, Албанија периодов е со минимален број новозаразени и десеттина дена без починати од Ковид-19.