Во државава се активни 5.377 Ковид случаи, вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата достигна 221.411, а починале 7.825. Од новозаразени 127, најмногу има во Скопје 90, по што следува Охрид со девет, Битола и Штип по шест…
Засега според надлежните институции нема најави за нови рестриктивни мерки меѓу кои и предвремено почнување на зимскиот распуст за учениците поради проценките дека состојбата со ширењето на вирусот е стабилна.
Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера изјави дека тринеделниот зимскиот распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН. Таа смета дека нема потреба од негово поместување зашто состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна. Доколку состојбата драстично се промени поради ризикот со „омикрон“ и ако во други сектори се донесат други, како што рече, драстични мерки за ограничување, МОН тогаш има одговорност да ги разгледа тие факти и аргументи и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки што ќе бидат во интерес на учениците и на заштита на јавното здравје.
Во изјава за медиумите, Царовска истакна дека наставата со физичко присуство, која се спроведува од септември како најпосакувано од трите подготвени сценарија, покажува одлични резултати.
Во државите од регионот продолжуват да се споделуваат нови информации за ширењето на варијантата Омикрон. Во Грција, досега има има вкупно 26 случаи на Омикрон и се очекува зголемување на бројот. Претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција, Теоклос Заути, како што јави дописничката на МИА од Атина, вчера информираше дека поголемиот број од овие случаи не се поврзани со патување во некоја од земјите каде што е раширен новиот сој. -Ова ни покажува дека вирусот е присутен во нашето општество, истакна претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција и додаде дека случаите се регистрирани на Крит, во областа Атика, поширокиот регион на Атина и во областа Ланонија на Пелопонез.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому ја остави отворена можноста, доколку постои препорака од комисијата на епидемиолози, за време на празниците да се воведе задолжителен тест за вакцинираните за влез во затворените простори, кои и онака работат само со вакцинирани, а трошоците за тестот, ќе бидат на товар на граѓаните. Во зависност од препораките, евентуално, за некој од празниците, онаму што ќе има многу голема посетеност особено во просторите за забава да се воведе оваа мерка, а доколку се донесе ваква одлука, навремено ќе биде соопштена.Паралелно, уште еднаш категорично ја отфрли можноста за воведување нов, целосен карантин во земјата.
Во Словенија, пак, бројот на новозаразени лица продолжува да опаѓа, а бројот на хоспитализирани исто така се намалува, но Владата не најавува олабавување на мерките за божиќните и новогодишните празници поради сојот Омикрон на коронавирусот.
– Следните денови и недели сигурно нема да има опуштање, туку дополнителни мерки, изјави денеска министерот за здравство Јанез Поклукар, додавајќи дека Владата се уште не одлучила кои активности ќе бидат дозволени за време на празниците.
Тој рече дека Владата минатата недела ја почнала расправата за ограничување на одредени активности и ќе ја заврши до крајот на годинава.
Министерот предупреди дека во Словенија досега се потврдени околу 20 случаи на инфекција со Омикрон, а речиси стотина луѓе поради тоа се наоѓаат во карантин.
Организаторите на Светскиот економски форум во Давос објавија дека јануарскиот состанок на Форумот е одложен поради Омикрон варијантата на коронавирусот.
– Годишниот состанок на светските бизнис и политички лидери на Светскиот економски форум, кој се одржува секоја година во Давос, Швајцарија, е откажан следниот месец поради зголемување на заразените случаи со сојот Омикрон. Делегатите се информирани денеска од страна на организаторите, напиша Клајнман на Твитер.
Самитот на високо ниво, кој вообичаено ги собира водечките фигури од бизнисот, политиката и дипломатијата, наместо тоа ќе се одржи „на почетокот на летото“, велат организаторите.
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус го повика светот да се обедини и да донесе тешки одлуки потребни за да се стави крај на пандемијата на Ковид-19 следната година. – 2022 мора да биде година кога ќе ставиме крај на пандемијата, изјави генералниот директор на СЗО.
Како што се приближуваат прославите на крајот на годината, Гебрејесус призна дека „сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормала“.
– Но, за да се вратиме во нормала, треба да се заштитиме сега бидејќи случаите на Омикрон, кој многу брзо се шири, се зголемуваат, истакна тој.
Откако за првпат беше регистриран во Јужна Африка во ноември, Омикрон е идентификуван во десетици земји, што ги урна надежите дека најлошото од пандемијата е зад нас.
И покрај показателите дека не е потешка од варијантата Делта – која се уште е доминантна – Омикрон според раните податоци покажа дека е позаразен и загрижувачки отпорен на вакцини. Со оглед на тоа што бројот на новозаразени многу брзо се зголемува, Тедрос истакна дека е подобро да се откажат настаните „сега и да се слави подоцна отколку да се слави сега и да се тагува подоцна“.
Тедрос инсистира дека е можно да се запре пандемијата, но рече дека ќе треба да се искористат сите алатки кои се на располагање, почнувајќи од вакцини до носење маски и физичко растојание. И можеби најважно, светот треба да стави крај на очигледната нееднаквост во пристапот до вакцини.
– Ако сакаме да ставиме крај на пандемијата во наредната година, мора да ставиме крај на нееднаквоста, нагласи тој.
Во меѓувреме, Европската агенција за лекови (ЕМА),ја одобри вакцината против Ковид-19 од американската компанија Новавакс, која користи поконвенционална технологија и за која биотехнолошката компанија се надева дека ќе ги намали колебањата во однос на вакцините. – ЕМА препорача издавање на условно овластување за пуштање на пазарот на вакцината на Новавакс, Нуваксовид, за заштита од Ковид-19 кај лица над 18-годишна возраст, соопшти Европската агенција за лекови. Ова е петта вакцина препорачана за употреба во Европската унија.