Продолжува трендот на намалување на бројот на активни ковид случаи, поради што надлежните очекуваат во наредниот период да се стабилизира епидемиолошката ситуација во државата. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, во државава активни се 3.496 случаи, од кои 1895 се во Скопје.

Министерот за здравство вчера истакна дека бројките на новозаразени секојдневно се следат и сега се наоѓаме во фаза на смирување на четвртиот бран. Во врска со тоа дали на денешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се предложи дополнително намалување на мерките, тој рече дека прво ќе се направи анализа на епидемиолошката состојба и таа ќе даде насока во кој правец ќе се движиме.

 

– Серолошкиот скрининг ќе ни даде дополнителна информација како да постапуваме. Секако, ние ќе правиме анализа на состојбата која се случувала минатата недела, и ќе одлучиме за идната недела во зависност од резултатите од скринингот, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на ретки болести.

Тој напомена дека засега не може да каже дали ќе има олеснителни мерки во однос на тргање на маските на децата од училиштата, како ќе постапат во идниот период зависи од утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Смета дека согласно резултатите, нема потреба да се продолжи скринингот кај учениците, бидејќи процентот на инфицирани ученици е многу мал.

– Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринингот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така да нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така да сметаме дека сме во фаза на смирување на четвртиот бран, истакна Сали.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје при направени 1.362 регистрирани се 183 нови случаи на КОВИД-19, девет лица починале, а 845 се оздравени. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 297.262, бројот на оздравени пациенти е 284.756, а на починати е 9.010.

Се намалува бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19

Минатата недела регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи, што е намалување од 39,5% во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движел од 13,1% до 24,2%, просечно 18,6%.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 21 до 27 февруари тестирани се вкупно 19.217 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,9% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.975; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 394,1/100.000, Скопје – 311,4/100.000 и Гевгелија – 285,3/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=951, 25,7%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=194; 5,2%). Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најмногу од 43,6% во возрасната група од 10-19 години и 43,5% кај лицата на возраст од 50-59 години. Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 6.094 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 543 реинфекции,од кои една е втора реинфекција, со намалување за 37,2% во однос на претходната недела. Пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, за 45,6% помалку во однос на претходната недела.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 337 лица (23,3% помалку во споредба со претходна недела), од нив 255 се на кислородна поддршка (14,1% помалку во
споредба со претходна недела), а девет на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (18,2% помалку во споредба со претходна недела).

Заклучно со 28.02.2022, вакцинирани се вкупно 870.405 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 849.727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142.201 лица.