Активни се 11.727 Ковид случаи во државава од кои најголем број 7081 се во Скопје.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје при направени 3.996 тестови, регистрирани се 1.348 нови случаи со КОВИД-19, 11 починати и 1 247 оздравени пациенти. Од вкупно 1.348 нови случаи регистрирани се 196 реинфекции.

Продолжуваат апелите на надлежните дека вакцинацијата останува најдобра заштита од КОВИД-19, особено од хоспитализација и смрт.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 284 875, бројот на оздравени пациенти е 264 443, а на починати 8 705.

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус, кој е во посета на Јужна Африка, изјави дека очекуваат акутната фаза на пандемијата да заврши оваа година, под услов 70 отсто од светското население да биде вакцинирано до средината на годината, во јуни и јули.

– Тоа е во наша моќ. Тоа е прашање на избор, нагласи тој.

Директорот на СЗО ги посети лабораториите на биотехнолошката компанија Африген со седиште во Кејптаун, која ја произведе првата вакцина против Ковид врз основа на гласник РНК во Африка.

Произведена со секвенционирање на јавно достапниот генетски код на лабораторијата Модерна, оваа вакцина ќе биде подготвена за клиничко испитување во ноември, а нејзиното одобрување е планирано за 2024 година. – Оваа вакцина ќе биде подобро приспособена на условите во кои ќе се користи, со помали барања за складирање и пониска цена, рече Тедрос.

Проектот на Африген е поддржан од СЗО и меѓународниот механизам за пристап до вакцини Ковакс. Само 11 отсто од Африканците се вакцинирани, што е најниска стапка во светот. Континентот мора „шесткратно да ја зголеми стапката на вакцинација“ против коронавирусот за да се надева на планот за вакцинација од 70 отсто поставен за крајот на првата половина од 2022 година, соопшти СЗО во Африка.

Главниот научник на СЗО, Сумија Сваминатан вчера изјави дека светот сè уште не завршил со пандемијата од Ковид-19, бидејќи следуваат нови варијанти.

– Видовме како вирусот еволуира и мутира, така што, знаеме дека ќе има повеќе нови варијанти, повеќе варијанти кои предизвикуваат загриженост, што значи, не сме на крајот од пандемијата, појасни таа за новинарите во Јужна Африка.

Таа ги посети погоните за производство на вакцини, во придружба на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Четири случаи на инфекција со подгрупата на вирусот омикрон БА.2, нарекуван и стелт омикрон, се регистрирани во Црна Гора, се наведува во вчерашното соопштение на Институтот за јавно здравје. Според Светската здравствена организација, новиот подсој на омикрон БА.2, не е „загрижувачки“.

Засега не постојат докази, што укажуваат на тоа, дека оваа нова подваријанта на омикрон ќе ги влоши преносот на вирусот, сериозноста на клиничкиот тек на болеста, ефикасноста на постоечките вакцини, како и ефективноста на општите мерки против пандемијата.

Од Институтот за јавно здравје на Црна Гора апелираа граѓаните да се вакцинираат, како и да примат засилувачка доза.

Данските здравствени власти вчера соопштија дека размислуваат напролет да ја прекинат програмата за вакцинација против коронавирусот и дека не гледаат причина децата да се вакцинираат со „засилувачката“ доза, ни ризичните групи со четврта доза.

Здравствените власти соопштија дека третиот бран на инфекцијата со коронавирусот слабее поради имунитетот на поголем дел од населението и додадоа дека високата стапка на вакцинација, особено со трета доза, значи дека Данска може да се справи со зголемените инфекции без сериозни симптоми.

Данската Влада минатиот месец на постарите лица и другите ризични групи им понуди четврта доза од вакцината поради брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот. Меѓутоа, здравствената агенција сега заклучи дека трите дози обезбедија добра заштита на корисниците на старечките домови и на лицата постари од 85 години и одлучи дека во моментов не е потребна дополнителна доза. Данска во ноември ја прошири својата програма за вакцинација на деца на возраст од пет до 11 години. Властите, меѓутоа, денеска изјавија дека сега планираат да ја прекинат досегашната програма за вакцинација за сите групи, вклучувајќи ги и децата на таа возраст. Агенцијата соопшти дека размислува „подоцна, во текот на пролетта да ја заврши целата програма за вакцинација “.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера во своето прво обраќање пред Горниот дом на германскиот Парламент, Бундесрат, ја најави можноста веќе од следната недела да дојде до олеснување на мерките воведени поради пандемијата на коронавирусот.

-Здравствените прогнози ни покажуваат дека врвот на бранот е на повидок. Ова ни овозможува на состанокот на федералните и провинциските власти следната недела да ги разгледаме првите и следните чекори за отворање на земјата пролетва, рече Шолц.

Тој кажа дека земјата, истовремено, треба да биде подготвена и за повторно затворање, доколку дојде до зголемување на бројот на заразени. Шолц воедно ја искористи можноста да ги повика оние кои се уште не се вакцинирани да го сторат тоа. Претставниците на федералната и провинциските влади во среда треба да се сретнат за да одлучат за натамошните чекори во борбата против пандемијата на коронавирус.

Во Франција продолжуваат олеснувањата на здравствените мерки, така маската повеќе нема да биде задолжителна на затворените места кои подлежат на пропусницата за вакцинација од 28 февруари, со исклучок на транспортот, соопшти вчера Министерството за здравство, истакнувајќи дека тоа се должи на „подобрувањето на здравствената состојба“, јави дописникот на МИА.

-Носењето маска во затворен простор ќе се одржува во транспортот и затворени места кои не подлежат на пропусницата за вакцинација. Во другите затворени места кои подлежат на пропусницата за вакцинација, носењето маска повеќе нема да биде задолжително“, се наведува во соопштението на Министерството.

Во средата, на 2 февруари, Оливие Веран објави, на БФМТВ, дека размислува за крај на носењето на задолжителната маска во затворени простории со тоа што ќе ја услови со пад на контаминацијата од вирусот. 

Холандската влада соопшти дека има намера да укине повеќе од анти-ковид ограничувањата до крајот на месецот. Баровите и рестораните повторно ќе бидат отворени до еден часот по полноќ од 18 февруари наместо да се затворат во 22 часот, како што е сега. До крајот на месецот ќе се укинат мерките за социјална дистанца на јавни места. Сепак, посетителите ќе треба да приложат потврда за вакцинација против Ковид-19, или документ за прележана болест или негативен резултат од тестот за коронавирус. Ова ќе им овозможи на театрите и кината и спортските места да продолжат со работа со полн капацитет на гледачи. Ноќните клубови ќе ги отворат вратите само со тестирање на сите посетители. Истото ќе важи и за фестивалите.