Владата на синоќешната седница донесе најнови мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението од Ковид-19, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести. Во земјата деновиве постојано се зголемува бројот на заболени и починати од Ковид-19. Така, вчера се регистрирани нови 999 случаи, починати се 14, а оздравеле 184 пациенти.
Од 1 септември домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19, или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Македонија.
За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД – 19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Странските државјани, пак, кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.
На предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести, донесена е одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.
На седницата било истакнато дека постојано ќе се следат состојбите и дека како алтернатива постојат дополнителни две сценарија: преминување на целосно онлајн настава или комбинирано, доколку дојде до промена на состојбата со пандемијата.
Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД – 19 или сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително ќе се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД – 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Овие мерки стапуваат во сила по нивното објавување во „Службен весник“, односно од денеска.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД – 19 документи.
На оваа своја седница Владата го усвои и Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите.
Според последната статистика, од направени 7.245 тестирањa регистрирани се 999 нови случаи на Ковид-19, 14 починати и 184 оздравени пациенти.
Од 999 нови случаи во Скопје има 325 регистрирани, во Тетово – 184, Гостивар – 132, Куманово – 79, Кичево – 50, Струмица – 42, Струга – 33, Охрид – 20, Битола, Кочани и Берово – по 15, Прилеп – 14, Кавадарци и Ресен – по 10, Штип и Радовиш – по 8, Велес – 7, Делчево и Валандово – по 6, Кратово и Македонски Брод – по 5, Дебар – 4, Крива Паланка и Демир Хисар – по 2, Гевгелија и Свети Николе – по 1.
Пријавени се 14 починати лица и тоа по пет починати лица од Скопје (59г,74г,77г,79г и 84г) и Тетово (61г,64г,75г,76г и 78г), две лица од Гостивар (57г и 58г) и по едно лице од Куманово (80г) и Кичево (57г). Еден од пријавените е починат во домашни услови, а другите се починати во болнички услови.
Регистрирани сe 184 оздравени пациенти од: Скопје – 72, Гостивар – 24, Тетово – 20, Куманово – 19, Кичево – 13,Битола – 7, Струмица – 6, Дебар – 5, Кочани и Кавадарци – по 4, Прилеп и Валандово – по 3, Радовиш – 2, Велелс и Свети Николе – по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 1.073.017 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 163.452 бројката на оздравени пациенти е 151.144, на починати е 5.574, а бројот на активни случаи изнесува 6.734.
Според епидемиолошки анализи моментно најмногу активни случаи има во Скопје 2246, во Тетово 1330, во Гостивар 927, во Куманово 422, во Кичево 366, во Струга 164 и во Дебар 122.
Министерството за здравство повторно потенцира дека вакцинацијата е единствен начин да постигнеме колективен имунитет, мерките кои се практикуваат не се никаква дискриминација, туку се неопходни за да се заштити јавното здравје.
На вакцинираните граѓани на располагање им се ставени повеќе опции со кои може лесно да стигнат до документ дека се вакцинирани.
Потврдата за прележан Ковид 19, може да ја извадат единствено граѓани кои се заведени во Институтот за јавно здравје дека биле заразени со вирусот, а потврди освен на vakcinacija.mk, може да извадат и кај својот матичен лекар.
Националниот сертификат за вакцинација, исто така може да го извадат од сопствениот профил на веб страницата vakcinacija.mk, а сличен е принципот и за вадење на CommonPass, за кој има и мобилна апликација, а со која исто така може да влезат во објектите опфатени со мерките, информираат од Министерството и ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат.
Болниците и ковид-центрите во неколку градови во земјата, каде се регистрирани најмногу заболени од Ковид-19, се полнат со заболени пациенти. Истовремено во целата земја се зголемува интересот за вакцинација против Ковид-19.