Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.102 и има околу 740 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 637 пациенти, додека во ковид центрите во Скопје 465 болни, сомнителни и потврдени за Ковид-19.

– Во изминатите 24 часа  во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 637 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 87 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 27 пациенти, во Велес се лекуваат 72 болни, а во Куманово 72 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 75 пациенти, во Прилеп 56, во ковид центарот во Гостивар 23, а во Струга 15 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 72 пациенти, во Кочани 25 во Кичево 20, Кавадарци 30, а во Гевгелија 5 лица позитивни и суспектни на корона вирусот, информираат од МЗ.

Од Министерството, нагласуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, како и дека имаат увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 28 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 465 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало шест приеми.

– Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 13 примени пациенти и 6 билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени болни, a на Клиниката за Детски болести имало два приеми. На Институтот за физикална медицина исто така немало примени, информираат од МЗ.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 25 оздравени пациенти, додека вкупно 465 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

– Во ГОБ 8 Септември има вкупно 123 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 128 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 14 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид 19 вирусот и две мајки, а на ГАК има три позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и  рехабилитација има 18 болни. Бројот на приеми во изминативе денови се намалува  и утрово до 8 часот имало 291 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, информираат од МЗ.

Од Министерството информираат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.