Бројот на активни случаи на Ковид-19 во државава изнесува 22538. Од нив во Скопје се 10852, во Прилеп, Тетово и Гостивар се над 1000, во Куманово – 900. Во речиси сите останати градови има трицифрен број активни случаи. Расте бројот на оздравени пациенти, но не се намалува бројот на починати од Ковид-19.
Според податоците од вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа, регистрирани се нови 984 случаи со Ковид-19, 24 починати и 631 оздравен пациент.
Во ковид – центрите во болниците во државава се лекуваат вкупно 881 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот, од кои 445 се во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека специфичен и посебен лек за Ковид-19 нема и дека се прави комбинација на постојните терапии за некои други болести или симптомите кои ги дава оваа болест. Апелира секој пациент во консултација со матичниот лекар или за време на болничкото лекување само со контрола на лекар да прими соодветна терапија.
– Мора да знаеме и граѓаните да знаат дека има навистина широка лепеза на симптоми со кои оваа болест може да се манифестира. Никој не треба да посегне да бара лекови кои не се докажани дека помагаат во лекувањето на Ковид-19. Уште во светот има огромен број клинички студии кои испитуваат лекови, рече Филипче и посочи дека не е докажано дека лековите „ремдесивир“ и „фавира“ помагаат специфично за Ковид-19.
Посочи дека тоа се лекови за кои е докажано дека помагаат во некои други болести и додаде дека не можат да се препишат лекови што не помагаат за конкретна дијагноза.
– Постои унифициран протокол за лекарите за лекување на болните од Ковид-19 и на тој протокол им е укажано повеќе пати. Но, што е суштината и кога ќе се каже нема унифициран протокол се однесува на тоа дека нема еден терк на лекување на оваа болест, заради тоа што нема една форма на болеста. Има толку многу различни клинички форми што секоја клиничка форма бара поинаков пристап, лекување, дозирање на истите лекови кои доаѓаат предвид за давање при соодветна манифестација и во таа смисла тоа е така секаде во светот. Затоа е многу битно сите кои имаат и најмали симптоми и за каков било чекор во однос на дијагнозата за лекувањето да прават консултација со лекар, рече Филипче.
Тој потенцира дека епидемијата е се уште многу силна и има голем број заразени.
– Пред нас претстои период на семејни собири и слави. Апелирам и замолувам сите да се воздржиме од прослави и собири. Сигурен сум дека следната година новогодишните и сите други празници ќе се слават како што тоа било порано, но оваа година сите да ги почитуваме мерките и да не се групираме заради тоа што тоа е најефикасниот начин на спречување на патот на заразата, додаде Филипче.
Во меѓувреме во Гевгелија почна поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела ќе почне монтажа на објектите во Струмица, Куманово, Струга и Кичево. Во сите останати општини на 16 локации истовремено се работи за реализација на проектот за поставување модуларни болници, информираат од Министерството за здравство.