Со месеци наназад премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче вршат „успешна вакцинација“ со ветувања дека „вакцините ќе пристигнат до крајот на овој месец, до крајот на другиот итн.“, а во Македонија досега има само две пакетчиња подарени вакцини од Србија и Русија кои не се доволно ни за дел од здравствените работници во земјава.
Во Македонија продолжува вакцинацијата на здравствените работници со 3 000 вакцини набавени од Русија, како и ревакцинацијата со Фајзер што беа добиени преку Србија. До крајот на месецов се очекува да пристигнат и околу 40.000 дози од Фајзер и АстраЗенека, со што ќе стартува и масовната имуниазацијата на населението.
Според проценките на министерот за здравство Венко Филипче, работници кои работат во ковид-центрите ќе бидат вакцинирани целосно во следните десетина денови. На ден се вакцинираат од 250 до 350 лица, во пунктот во Здравствениот дом – Скопје.
– Една од опциите беше да започнеме со вакцинација на постарите лица. Меѓутоа тоа што се случи во меѓувреме беше зголемување на бројот на пациенти на кои што им е потребна хоспитализација и ангажирање на дополнителен кадар од медицински сестри и лекари од други одделенија кои треба да работат со овие пациенти. Од 4000 илјади се зголеми бројот на здравствени работници кои сега ќе работат со ковид-пациенти и затоа донесовме одлука тие да бидат во првата приоритетна група, изјави министерот Филипче.
Во врска со вакцините на Фајзер, рече дека според најавата од комуникацијата што ја имаат сега станува збор за 20 000 вакцини кои треба да стигнат на крај на март, кога се очекуваат и меѓу 20 000 и 25 000 вакцини на компанијата Астра зенека.
Во врска со набавката на кинеските вакцини, Филипче нагласи дека имаат два принципа како и секогаш кога станува збор за такви набавки, а тоа се внимателност и регуларност. Тој потенцираше дека апсолутно ги отфрла сите обвинувања кои овие денови ги имаше во дел од медиумите дека станува збор за некакви нерегуларни, незаконски постапки, дека станува збор за некакви провизии.
– Жал ми е што тоа сето излегува во медиуми кои се блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, еве нивните сајтови и тоа што излезе во италијанскиот исто така близок до нив „Ла верита“ се документи кои ние сме испратиле до навистина многу компании со цел да добиеме што повеќе информации за можностите за набавка на вакцините. И во таа смисла и ова конкретно за 200 илјади кинески вакцини од компанијата „Синофарм“ се прави по истите принципи на деталите, рече Филипче и ги презентираше деталите.
По иницијалните обиди да направиме директен контакт со фабриката во што не успеавме, појасни, побаравме помош од некои наши кинески компании тука во земјава активни што работат „Пауер Чајна“, понатаму „Синохидро“ кои ни укажаа на некои компании кои може да не спојат и тоа даде резултат.
– За време на тие разговори во меѓувреме беше потпишан договор, се вклучи и нашата Амбасада во Кина која за тоа го извести и тамошното МНР од каде ни укажаа дека тоа не е патот по кој треба да одиме и дека треба да го пратиме оној регуларен пат по кој на почеток се обидовме, но за жал немаше резултати и заради тоа сакајќи целата постапка да ја забрзаме најдовме еден алтернативен начин. Не станува збор апсолутно за ништо незаконски, за ништо нерегуларно. Не станува збор за некакви провизии и за било што за што овие денови ме обвинува опозицијата, потенцира Филипче.
Во делот на одговорностите за вакцините, нагласи, тоа е нешто што важи буквално за разговорите и договорите со сите компании.
– Тоа е обврска на Министерството за здравство и тоа ние го преземаме за буквално сите вакцини и сите производители. Зошто? Поради тоа што Министерството за здравство е одговорно преку својата програма за имунизација за секој дел од овие несакани ефекти и тоа се однесува буквално на секоја вакцина што влегува во земјата. Така што дозволете да ги осудам сите овие обиди да се фрли дамка на овој процес во една ваква осетлива ситуација кога вакцинацијата навистина треба да продолжи во нашата земја. Со ова опозицијата се обидува да го наруши угледот, да го компромитира процесот и со тоа да го загрози, со тоа што би се загрозил целокупниот процес на продолжување на имунизацијата во нашата земја. Со ова некој политички сака да има бенефит да поентира, а цената да биде здравјето на нашите граѓани, додаде Филипче.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека за набавка на вакцините од Кина, била избрана фантом – фирма од Хонг Конг, која била наведена и во писмата испратени од Венко Филипче
– Наместо за набавка на вакцини мислеле на криминал! Ете тоа е заклучокот! Точно се наведува во „Ла верита“ што е проблемот, зошто е вратен авансот за вакцини од Кина. За набавка на вакцините од Кина, била избрана фантом – фирма од Хонг Конг, таа фирма била наведена и во писмата испратени од Венко Филипче. Затоа Кина го враќа авансот, затоа Македонија и денеска нема вакцини! Ова е уште еден голем меѓународен скандал, ова е уште едно меѓународно тонење на Македонија во криминал и висока корупција! Луѓе умираат секојдневно, тие избрале фантом фирма посредник за набавка на вакцини од Кина! Наместо на вакцини, се мисли на профит преку фантом фирми! Само еден збор го опишува ова – нечовечност, потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ, реагираа на наводите на најголемата опозициска партија, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ преку лагите и нивните медиумски курири намерно го поткопува процесот за набавка на вакцини, со што предизвикува директна штета на здравјето на граѓаните.
– Владата и Министерството за здравство од самиот почеток ги користат сите механизми за набавка на вакцини од што е можно повеќе производители. Во процесот на набавка на кинеските вакцини, нема ништо незаконски, ништо нерегуларно. Лажните обвинувања без никакви докази за наводни провизии или нерегуларни постапки само ја потврдуваат заложбата и напорите на Владата и Министерството за здравство да обезбедат вакцини што побрзо за граѓаните, нагласија од СДСМ.