Москва ги прифаќа „сосема мирно“ критиките упатени од американскиот претседател Доналд Трамп кон неговиот руски колега Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
-Ние го прифаќаме ова сосема мирно, одговори Песков на новинарско прашање на оваа тема. „Стилот на фразите што ги користи Трамп е доста остар“, забележа портпаролот.
Шефот на американската држава го обвини рускиот лидер дека не реагира на напорите на САД за постигнување мировен договор со Украина и најави дека Вашингтон ќе продолжи да го поддржува Киев.
Песков, исто така, рече дека Кремљ не е сигурен во веродостојноста на материјалот на американскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен, според кој Трамп претходно се закани дека ќе ја бомбардира Москва за да го одврати Путин од напад врз Украина.
Во извештајот на Си-Ен-Ен беше прикажана аудио-снимка од Трамп како му кажува на приватен собирач на средства за време на неговата кампања за реизбор во 2024 година дека еднаш го предупредил Путин дека ќе ја „бомбардира Москва“ ако Русија ја нападне Украина.
Песков рече дека има „многу лажни“ вести и дека не е сигурен дали снимката е веродостојна.
Според Си-Ен-Ен, Трамп рекол дека упатил слично предупредување и до кинескиот претседател Си Џинпинг во врска со можна кинеска инвазија на Тајван.
фото: ЕПА