Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното издание на „24 Анализа” на 24 ТВ го праша директорот на Фондот за иновации Коста Петров дали му е забранет влез во Дубаи заради одредени недоследности во неговото работење.

– Но, претходно да ги објасните сите оние недоследности што кренаа прашина во јавноста околу оној фамозен тендер. Бојан Ивановиќ кој е поддржувач и активен чинител на политиките на СДСМ има земено неколку тендери во низа во Фондот од 2018 до 2019 година. Последниот тендер за кој треба да се дискутира и воедно директорот треба да одговори е тендерот за маркетинг услуги и комуникациски услуги кој што беше потпишан и е во вредност од 11 милиони и осумстотини денари. Истиот тој Бојан Ивановиќ има земено три тендери во низа од Фондот во 2018-та година во вредност од над 4 милиони денари. Зошто директорот не го прекинал спорниот договор. Исто така, во овие моменти кога има корона криза сулудо е да давате 200 илјади евра за организација на јавни настани – рече Арсовски.

Рамковниот договор е околу една милијарда, додаде тој, а досега се потрошени 10.2 милиони денари.

– Користите медиумска промоција на Фондот, но не на социјалните мрежи туку преку медиуите и порталите. Рекламите се платени со буџетски пари од Фондот за иновации. Дали знаете дека на 24-тата седница на Владата на 22 август 2017 година е донесен мораториум и забрана за рекламирање на институциите во медиумите. Дали сте свесен дека со ова сте направиле кривично дело – Арсовски го праша Петров.

На ова, директорот на Фондот за иновации му се извини на Арсовски: Извини ако сум направил кривично дело, рече Петров.