Началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили, Ерик Кристоферсен, синоќа изјави дека Осло не ја исклучува можноста во иднина да дојде до руска воена акција против Норвешка, оценувајќи дека Москва би можела да дејствува за да ги заштити своите нуклеарни капацитети на далечниот север од Европа.

„Не ја исклучуваме можноста Русија да грабне наша територија како дел од нивниот план за заштита на сопствените нуклеарни капацитети, што е единственото нешто што им преостана, а што всушност им се заканува на САД“, рече Кристоферсен во интервју за британскиот весник „Гардијан“.

Тој изјави дека Русија нема освојувачки цели кон Норвешка како што има кон Украина или поранешните советски територии, но истакна дека голем дел од рускиот нуклеарен арсенал се наоѓа на полуостровот Кола, во непосредна близина на норвешката граница.

Според него, таму се распоредени нуклеарни подморници, копнени ракети и авиони способни да носат нуклеарно оружје, што би играло клучна улога во случај на поширок конфликт меѓу Русија и НАТО.

„Тоа е сценариото за кое се подготвуваме на далечниот север“, рече Кристоферсен.

Зборувајќи за безбедносната состојба, Кристоферсен изјави дека, иако Норвешка ја разгледува можноста за класична инвазија, во моментов првенствено ги следи хибридните закани, вклучувајќи саботажа и електронско блокирање.

Тој додаде дека Осло и Москва сè уште одржуваат ограничени контакти, особено во врска со пребарувањето и спасувањето во Баренцовото Море, и дека има редовни состаноци на воени претставници на границата.

Кристоферсен во интервјуто истакна дека е за воспоставување директна воена телефонска линија меѓу двата главни града со цел да се избегне ескалација поради недоразбирања.

Кристоферсен рече дека кога станува збор за арктичкиот архипелаг Свалбард, Русија го почитува меѓународниот договор од 1920 година што ја забранува милитаризацијата на областа, отфрлајќи ги обвинувањата на Москва за „тајна милитаризација“ како пропаганда.

Осврнувајќи се на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина и Русија имаат воени планови во врска со Гренланд, Кристоферсен оцени дека ваквите изјави се „многу чудни“, наведувајќи дека норвешките разузнавачки служби немаат такви сознанија.

„Руската активност на Арктикот е фокусирана првенствено на Атлантскиот Океан, а не на Гренланд“, рече тој.