Ефикасноста на институциите дава резултати, трикратно е зголемено спречувањето на криумчарење мигранти, соопшти денеска СДСМ

– Посветеноста на институциите во борбата против криумчарење мигранти дава резултати. Според официјалните податоци, во 2018 година, трикратно е зголемено спречувањето на криумчарење мигранти во земјата. Националната агенција за спречување на криумчарење мигранти и трговија со луѓе формирана од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство дава реални резултати. Институциите се трипати подобри и поефикасни во спречувањето на криумчарењето и трговијата со луѓе. МВР со своето ефикасно и професионално делување, покажува како се работи во интерес на граѓаните, се вели во соопштението.

Во соопштението се споменува трикратно зголемено спречување на криумчарење мигранти, но непрецизно и нејасно во однос на кој период и што значи „трикратно зголемено спречување на криумчарење мигранти“.

Рекацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на ова соопштение гласи:

– СДСМ наместо да се борат против, тие се борат за криумчарење на мигранти низ Македонија. Началникот на штипската полиција се уште е на таа позиција, иако е фатен во криумчарење на мигранти. Ова е доказ за лицемерието на СДСМ. Патем останува нејасно за какви и чии статистики говори СДСМ бидејќи во своите соопштенија ниту еднаш не го користи терминот Македонија. Сето ова покажува со каков криминален и однароден картел на власт си имаат работа граѓаните. Тоа мора да престане. Почетокот на крајот на заевизмот ќе бидат претстојните избори кога граѓаните јасно ќе ја казнат оваа криминогена структура, се вели во реакцијата на опозициската партија.