Кривичниот суд Скопје на денешната седница ги отфрли жалбите по изречената мерка притвор за осум лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои беа приведени под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, а едно од лицата за несовесно работење во службата.

„Постапувајќи по жалби од осум лица, осомничени од Јавното обвинителство за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, поднесени против решенија на судија на претходна постапка од 28.06.2019 година, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд – Скопје денеска одржа седница во присуство на странките. По разгледување и ценење на фактите и наводите на странките во постапката, Советот донесе решенија со кои ги одби жалбите и ги потврди решенијата на судијата на претходна постапка со кои за осумте лица се прифаќа предлогот на Јавниот обвинител и им се определува мерка притвор во траење од 30 дена“, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд – Скопје.

По наредба на надлежен јавен обвинител, во петотокот е спроведена истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а едно од лицата за несовесно работење во службата, при што со своите дејствија предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 162.644.745,00 денари или 2.647.802 милиони евра. Еден од осомничените е недостапан за органите на прогонот, а за две лица се изречени мерки за претпазливост.