Судија на претходна постапка вечерва му одреди притвор на сопственикот на „Дурмо турс“, како првоосомничен за автобуската несреќа кај Ласкарци.

Како што информираат од Кривичниот суд, притвор доби и раководителот на фирмата кој е второосомничен, додека на третоосомничениот, едно од лицата одговорни за технички преглед, му е одредена мерка куќен притвор.

За четвртоосомниченото лице, исто така одговорно во „Дурмо турс“ за технички преглед, се прифатени бараните мерки на претпазливост од ОЈО, а за другите тројца, меѓу кои и возачот, постапката во Судот се уште трае.

Јавниот обвинител од ОЈО – Скопје Сашо Рајчев денеска на прес-конференција рече дека главна причина за несреќата се неисправните сопирачки на автобусот и преголемата брзина со која се движел.

Несреќата кај Ласкарци се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово – Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Во несреќата загинаа 15 лица, а 39 беа повредени.