Габриел Бајрам, син на починатиот пратеник Амди Бајрам, признал вина за насилството сторено во скопски ресторан, а Кривичниот суд му изрече три месеци затвор за фрлањето шишиња и чаши кон келнер.
Осуден е и неговиот син, кој доби условна казна. Габриел Бајрам е пуштен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари во домашен притвор, се до правосилноста на пресудата.
Досега, Габриел Бајрам помина еден месец во затвор. Обвинителството сметаше дека тој може да избега и влијае на сведоци, а Кривичниот суд, го прифати ваквото тврдење. Бајрам, не еднаш, туку повеќе пати е осудуван за ваков вид кривични дела.
Таткото и синот, насилството го сториле во ресторанот Аквадукт на булевар Словенија во Скопје.
„Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот“, посочи Обвинителството.
Бајрам, кој е близок до владејачката СДСМ, властите не можеа да го пронајдат, а тој се појави на прославата на „последниот датум од ЕУ“ што се савеше во Клубот на пратениците. Тој беше актер и во аферата за крадење струја во ГТЦ за копање криптовалути, за што подоцна надлежните органи не пронајдоа докази за гонење.