Крешник Бектеши, министерот за економија од претходната Влада добил кривична пријава од охридската Полиција, објави телевизија Телма.

Осомничен е за делото “попречување на правдата”, извршено ден пред парламентарните избори, а информацијата била првично објавена во билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Бектеши, според полицијата, упатувал пораки на полициски началник од Охрид, а поврзано со полициски активности по пријавени сомнежи за изборни нерегуларности. Полицијата проверувала наводи за злоупотреба на лични податоци односно за прибирање податоци од избирачи, а началникот добил порака од министерот Бектеши.

„СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Б.(39) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 07.05.2024, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик“, пишуваше во билтенот на МВР пред скоро три месеци.