Хрватски војници од воздухопловната база во Дивуље во криволов отишле со воен хеликоптер. Како што објави ТВ Нова, припадници на Хрватското воено воздухопловство (ХВВ), по обуката, во март годинава, седнале во воен хеликоптер и со него се упатиле во недозволен лов на диви свињи на планината Динара.

Против припадниците на ХВВ кои го сториле тоа е подигнат обвинителен акт, но можеби најинтересно во целата приказна е тоа што Министерството за одбрана, на чие чело е Дамир Крстиќевиќ, за ова не објавило ништо во јавноста.

Приказната да биде уште побизарна, криволовците од ХВВ сами го снимале ловот на диви свињи, а всушност благодарение на таа снимка, како и од исказите пред воената полиција и останати докази против нив е подигнат обвинителниот акт.

Еден час лет со воен хеликоптер даночните обврзници ги чини 7.500 куни (околу 1.000 евра).

Иако Министерството за одбрана (МОРХ) за овој неверојатен инцидент воопшто не ја известило јавноста, во одговор на прашање потврдија дека навистина се случил.

– По овој настан воената полиција спровела криминалистичко истражување, па за истото го известила надлежното државно обвинителство, врз основа на што е подигнат обвинителен акт, стои во одговорот од министерството.

МОРХ наведува дека станува збор за неколкумина припадници на ХВВ кои се сомничат за противзаконски лов од член 204 ст.2 од Кривичниот закон.

– Настанот се случил по планираната обука, при враќањето во касарната, во ненаселен планински предел. Во хеликоптерот биле и двајца припадници на Командата на специјалните сили ОСРХ, но утврдено е дека тие не учествувале директно во стореното кривично дело, па против нив надлежното обвинителство не подигнало обвинителен акт, соопштуваат од МОРХ.

Од МОРХ порачаа дека против криволовците од ХВВ се покренати постапки и пред Воениот суд.

– Напоменуваме дека станува збор за издвоен случај на недопустливо однесување на поединци, па не може да се говори за колективна одговорност на припадниците на Хрватската војска. Нагласуваме дека во Министерството за одбрана и Оружените сили, секој прекршок, без исклучок, се санкционира во согласност со законската регулатива, стои на крајот од одговорот на МОРХ.