Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон денеска изјави дека 127 луѓе се пријавиле за добивање британска виза и оти би работеле како возачи на цистерни за гориво.

Џонсон за Би-Би-Си изјави дека од транспортната индустрија било побарано да обезбеди податоци за лица кои се подготвени да дојдат во Велика Британија, и дека индустријата дала само 127 имиња.

– Ова укажува на глобален дефицит, посочи Џонсон.

Претходно, весникот Тајмс објави дека се пријавиле само 27 возачи на цистерни.

По предупредувањето од нафтените компании и супермаркетите дека недостигот на возачи влијае на испораките, британската Влада на крајот од минатиот месец објави дека привремено ќе ги укине своите имиграциски правила и ќе издаде 5.000 визи на возачите на ЕУ за работа во Велика Британија. Властите наведоа дека 300 од нив можат веднаш да пристигнат во Велика Британија.

Владата на Велика Британија претходно ја стави армијата во состојба на подготвеност поради недоволниот број возачи на цистерни. Кризата во синџирот на снабдување доведе до недостаток на гориво на бензинските пумпи.

Голем број на бензински станици во Британија останаа без гориво и прекинаа со работа. Во некои делови од државата дури 90 отсто од пумпите за гориво беа затворени.