Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека синоќа било приведено едно службено лице со кое бил извршен службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање службена тајна“. Делото е поврзано со акции на полицијата извршени месецов против криминалната група „Беланоца-Барон“.

Според соопштението на МВР осомниченото службено лице било приведено на 28 декември.

„При што во полициска станица беше извршен службен разговор во врска со кривично дело ‘Оддавање службена тајнa’, одземен му е мобилен телефон, по што по насока на ОЈО лицето е ослободено“, велат од МВР.

Осомничениот е син на поранешниот министер за внатрешни работи од ДУИ, јавува ТВ Телма, повикувајќи се на полициски извори.

Тој е осомничен дека оддал информации до членовите на криминалната банда непосредно пред спроведувањето на акцијата на Обвинителството и МВР на 16 декември против 18 осомничени припадници на скопското подземје од кои осуммина од нив не пронајде. Тие како дел од криминалната банда „Беланоца-Барон“ се обвинети дека во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот.