Претседателката на албанското опозициско Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади изјави дека „државата треба да се спаси денеска, повеќе од кој било друг ден“.
– Ние како ЛСИ сметаме дека државата треба да се спаси денеска повеќе од кој било друг ден, зашто утре ќе биде многу доцна. Нема да биде доцна за нас, ни за (албанскиот премиер) Еди Рама, туку за децата на Албанците кои денес се во најголема опасност од кога било до сега, затоа што власта го брани криминалот, изјави Круемади на седница на партиското Претседателство.
Круемади, која е сопруга на актуелниот албански претседател Илир Мета, ваквите тврдења ги поткрепи и со последниот настан на малтетирана девојка од страна на син на актуелен пратеник на владејачката Социјалистичка партија.
– Случајот со Џисиела Малоку е јасна, последна потврда дека полицијата не само што не го расветлува криминалот, туку и го покрива. Обвинителството не само што не го решава проблемот и не изрекува казна за кривичното дело, туку ја покрива полицијата која пак го прикрива криминалот и за жал жртвата ја прави виновник. Во исто време, премиерот од владината и собраниската говорница отворено ги брани насилниците, рече Круемади.
Таа обвини дека Албанија има власт, која применува насилство, тепа и понижува обични граѓани и ги штити криминалците отворено, како што тоа го прави премиерот, кој, според неа, е „искрен само кога лаже“.
– Да појдеш во државна канцеларија денес е исто како да се предадеш на устата на волкот. Државата те тепа, убива и погребува жив. Ако ја информирате државата за некој насилен криминалец, осудени ќе бидете Вие, а не насилникот. Еди Рама е искрен само кога лаже. Единствениот стандард на Еди Рама е алиби за секаков вид криминал, без разлика дали тоа е насилство, криминал, трговија со дрога или нешто друго, обвини лудерката на ЛСИ.