Премиерот Зоран Заев ја посети грчката фабрика за откуп, преработка и продажба на тутун „Секе“ во индустриската зона Опаленик, Крушево.
По успешното тригодишно работење на компанијата во регионот, „Секе ДООЕЛ Прилеп“ инвестираше во изградба на нова фабрика. Половина од инвестицијата за изградба на објектот е од сопствен капитал на компанијата.
На средбата со менаџментот на компанијата „Секе“, премиерот Заев, како што соопшти денеска владината прес-служба, ја поздрави одлуката на раководството да инвестира во фабрика и да го зголеми својот обем на работа, бидејќи како што истакна, странските инвестиции се исклучително важни за Република Македонија, со нив се отвораат нови работни места, а на тој начин се подобрува и стандардот на граѓаните.
– Ова е и одраз на пријателството што го градиме со Грција. Македонија има огромен потенцијал на тутун и мило ми е што фабриката ќе придонесе за посигурен откуп на тутунот, додаде премиерот Заев.
Претседателот на бордот на директори на фабриката „Секе“, Панајотис Таренидис, го информираше премиерот Заев дека засега во фабриката се вработени 55 луѓе, но дека таа бројка за само неколку месеци ќе се зголеми на 350.
Со работењето на фабриката, како што рече Таренидис ќе им се помогне на тутунопроизводителите, ќе се забрза развојот на локалната, но и на целокупната економија.
Основачот и сопственик на компанијата во Република Македонија, „Секе са Ксанти“, фирма којашто од пред околу 70-тина години е формирана во Ксанти како Кооперативна унија на тутунопроизводители, инаку втора по големина по количина на откупен ориентален тутун на Балканот.