Најмалку пет лица загинаа, а 40 се повредени вчера кога автомобил влета во толпата на божиќната парада во Ваукеша, Висконсин, соопшти денеска американската полиција.

„Во овој момент, можеме да потврдиме дека пет лица загинаа, а повеќе од 40 се повредени. Сепак, тие бројки може да се променат кога ќе собереме дополнителни информации“, објави полицијата на Твитер.

Началникот на полицијата во Ваукеша Ден Томпсон,изјави дека лицето зад воланот на возилото е уапсено. Властите соопштија дека итната помош пренела 12 деца и 11 возрасни во болниците, а голем број од повредените биле префрлени во болници од страна на нивните семејства и пријатели. Инцидентот се случи во Ваукеша, мал град на 32 километри западно од Милвоки.

Се уште не е познато дали инцидентот е поврзан со тероризам, но полицијата информира дека има повеќе опасност за населението.

На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како црвено теренско возило брза кон задниот дел на парадата. Друго видео покажува како полицијата отвора оган врз истото возило додека минувало низ уличните бариери. Томпсон потврди дека полицијата пукала во возилото, но додаде дека во престрелката никој од набљудувачите не бил повреден. Тој нагласи дека од возилото не бил испукан ниту еден истрел.

Очевидци рекоа дека возилото покосило и група млади танчери на возраст од 9 до 15 години. На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како група луѓе им помагаат на повредените девојчиња.

Еден очевидец процени дека автомобилот возел со брзина од околу 65 километри на час кога удрил во толпата собрана на парадата. Фотографиите и видеата од Ваукеша кои кружат на Твитер покажуваат полициски автомобили и амбулантни возила кои пристигнуваат на улицата по инцидентот.

Инцидентот се случил нешто пред 17 часот по локално време (23 часот по Гринич), објавија медиумите.

– Додека поминувавме низ градот, видовме џип како поминува, стисна гас и со полна брзина удри во парадата, изјави еден очевидец.