Кучињата имаат силен потенциран инстинкт да помогнат и исклучително силни сетила за мирис кои се клучни за помош при природни катастрофи како што е земјотресот. Откако во понеделникот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала погоди неколку области во Турција и Сирија, голем број држави како дел од спасувачките тимови испратија и кучиња трагачи.
На социјалните мрежи и на медиумите од понеделникот се споделуваат фотографии од кучиња кои ги пронаоѓаат преживеаните заглавени под рушевините, па дури се појави и фотографија од куче за кое се споделува дека спасило десет човечки животи.
Нашиот тим за претрага и спасување составен од 24 армиски припадници со две обучени кучиња замина за Турција. Надеж дека во текот на пребарувањето ќе се спасат човечки животи, даваат и двете кучиња Кони и Пикси, кои заедно со инструкторите се обучени токму за пронаоѓање лица во елементарни непогоди.
Кучињата, како што информираа за МИА од Министерството за одбрана, се транспортирани согласно процедурите за транспорт со авио летови, како и процедурите на аеродромите и авио сообраќај.
Двете службени кучиња кои се упатени во состав на тимот за претрага и спасување се од расата белгиски овчар – машко кутре и лабрадор – женско кутре, кои се на пет-шест годишна возраст.
Овие две кучиња, како што велат од Министерството, ја имаат поминато комплетната специјалистичка обука за претрага во нашиот армиски центар за обука и дресура на службени кучиња од составот на командата за обука и доктрини. Водачите на службените кучиња воедно се искусни инструктори за ваков вид на обука кои се имаат усовршувано токму во Република Турција.
Службените кучиња се дел од семејството кучиња кои целосно се размножуваат и одгледуваат во Центарот кој располага со кучиња од расата на германски овчар, белгиски овчар, шарпланински овчар, лабрадор-ретривер и ротвајлер.
Како што велат од Министерството за МИА, кучињата се обучуваат после наполнета возраст од 18 месеци и истата трае девет месеци.
Дел од овие кучиња досега учествувале со одредите за специјална намена на многубројни вежби, како и во случаи на претрага како што беше случајот со катастрофалните поплави во 2016 година и други случаи на претрага на исчезнати лица во планински области.
Во потрагата по преживеаните од земјотресите во Турција и Сирија се вклучуваат и многу други земји кои исто така испраќаат кучиња спасувачи.
Министерството за внатрешни работи на соседна Србија пред два дена на „Фејсбук“ објави фотографии од службеното куче кое го испратиле за помош на настраданите во Турција како рамноправен член на Специјалистичкиот тим за спасување.
Според објавите, кучето се вика Зиги, има девет години и е белгиски овчар кој е обучен да бара и спасува луѓе од урнатини и на отворено. Поминал основна обука за послушност, како и основна обука за спасување и потрага по луѓе. Учествувал во неколку спасувачки операции и на неколку меѓународни вежби во Словенија и Србија.
Швајцарската спасувачка служба „Редог“ испрати дури 14 кучиња во Турција, а службени кучиња испраќаат и Хрватска, Полска, Чешка, Германија, Грција, Индија, Обединетото Кралство, Кина, Тајван, Јужна Кореја и САД.
Поривот на кучињата да помогнат и да пронајдат жртва е посилен од стравот
Кучињата едноставно се способни да насетат работи надвор од човечката перцепција. На пример, тие можат да мирисаат мириси и да слушаат високи звуци кои луѓето не можат да ги мириснат или слушнат. Постојат теории според кои уште во 373 п.н.е., имало извештаи за чудно однесување на животните пред земјотрес. Меѓу многуте такви примери е и видеото кое деновиве е објавено на социјалните мрежи каде куче вознемирено завива некоја минута пред земјотресот, во знак на алармирање.
Како што појаснува за МИА, Гизела Бошковска од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“, постојат многу теории и истражувања кои тврдат дека невообичаеното однесување на животните може да им помогне на луѓето да предвидат силни земјотреси.
Бошковска вели дека тоа што е важно е дека нивниот порив да помогнат, пронајдат жртва и алармираат за помош е посилен и од стравот, меѓутоа нагласува оти поразителен е фактот што само во вакви катастрофи и трагедии ја воочуваме нивната важност и големина.
Освен за пронаоѓање на луѓето, дел од видеата кои го обиколија светот по земјотресот во Турција и Сирија се и снимките од мајки кучиња кои очајно пробуваат да си ги спасат своите кутриња од под рушевините. На едно од видеата се гледа како мајката се обидува да направи дупка за да стигне до своите малечки.
Марија Спасовска за МИА