Украина смета дека се уште има шанси спорот меѓу Русија и Западот да се реши по дипломатски пат, но веќе постојат причини за воведување санкции кон Москва, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

САД и ЕУ и се закануваат на Русија со нови санкции доколку Москва го нападне Киев по распоредувањето војници во близина на украинската граница, што се обвинувања што Русија ги негира.

– Овие санкции се осмислени да бидат воведени во случај на натамошна оружена ескалација, оружена агресија на Русија против Украина, истакна Кулеба на заедничка прес-конференција со шпанскиот колега Хозе Мануел Албарес.

Кулеба тврди дека Русија веќе го прекршила меѓународното право и оти тоа е основа за воведување санкции, имајќи предвид дека Москва издала пасоши на некои украински граѓани во источна Украина.

– Сега би можеле да се воведат некои санкции за да се покаже сериозноста на намерите и подготвеноста за решителна акција, додаде украинскиот министер.