Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба вчера изрази надеж дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе ја посети Украина до 30 јуни, кога истекува претседавачкиот мандат на Франција со ЕУ.
„Тој е добредојден кога било, но би било добро да дојде за време на француското претседателство со ЕУ. Најдобро би било да дојде со дополнителни испораки на оружје во Украина, тоа би била највредната помош што можеме да ја добиеме од Франција“, рече Кулеба во интервјуто за француската мрежа „ЛЦИ“.
Макрон ги посети Москва и Киев на 7 односно 8 февруари, пред почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Тој е еден од ретките европски претседатели кои одржуваат контакт со рускиот претседател Владимир Путин.
Франција претседава со Европската унија до 30 јуни, а претседателот Макрон неколкупати има изјавено дека ќе го посети Киев кога ќе дојде време за тоа.
„Ќе одам кога ќе биде вистинското време и ќе се исполнат условите“, рече и синоќа Макрон.
Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона во понеделникот го посети Киев, како прв француски официјален претставник што ја посетил Украина од почетокот на руската инвазија.