Перспективата на односите меѓу Украина и Србија е секогаш добра и нема ништо што ги дели двете земји или отуѓува една од друга, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба во интервју за Eуроњус Србија. Тој посочи дека тоа што Србија не воведе санкции кон Русија е најголемото разочарување во односите меѓу двете земји, но дека сепак, од политички аспект Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, како што и Украина го поддржува територијалниот интегритет на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Кулеба, говорејќи за односите меѓу Киев и Белград, потсети дека претседателот Александар Вучиќ имаше средба со Володимир Зеленски, кој учествуваше на самитот меѓу Украина и земјите од Западен Балкан.
-Претседателот на вашиот парламент учествуваше на парламентарниот самит на Кримската платформа, вашата премиерка зборуваше на меѓувладиниот самит на Кримската платформа. Политички гледано, иднината на двете наши земји е во ЕУ. Сè друго е прашање на дипломатија, изјави Кулеба.
На прашањето за другите начини на кои Србија и помага на Украина, тој забележа дека секоја земја се оценува според нејзините заслуги и дека не се фокусира само на прашањето за санкциите, бидејќи тоа е еден елемент во рамките на односите со Србија.
-Двете страни се обидуваат да ги исполнат тие односи со што е можно повеќе аспекти, додаде шефот на украинската дипломатија.
Кога станува збор за потенцијалната можност Србија да учествува во посредувањето меѓу Киев и Москва, Кулеба изјави дека од почетокот на инвазијата многу земји се обиделе да посредуваат, но малку од нив успеале.
– Не успеаја да ја запрат војната. Јас би препорачал две работи. Наместо да се занимавам со големото прашање за запирање на војната, би препорачал да се поддржи мировната формула што Украина ја предложи како начин за завршување на војната. Втората работа е дека треба да се фокусираме на конкретниот проблем што настана поради војната и да се обидеме да го решиме во односите со Русија. На пример, некои земји работат на враќање на украинските деца кои беа нелегално депортирани, практично киднапирани од Русите од Украина, а ова е само едно од прашањата поврзани со војната и исклучително важно прашање. Некои земји ги користат односите со Москва за да ни помогнат да ги вратиме децата во Украина. Стратегијата да се фокусираме на конкретни прашања наместо на пошироки прашања за војна и мир е далеку поефикасна, рече Кулеба.
Зборувајќи за моменталната состојба на фронтот во Украина, Дмитро Кулеба рече дека зимата пристигнала со многу снег и студено е, а има и жестоки снежни бури.
-Не се сомневаме дека Русите ќе се обидат да ги искористат моменталните услови и веќе го претрпевме првиот масовен напад со беспилотни летала минатата сабота. Тие напади веројатно ќе продолжат. Добро се подготвивме за оваа зима, многу подобро од минатата. во исто време знаеме дека Русија собра уште повеќе беспилотни летала и ракети и дека исто така се подготви за масовни напади. Сигурен сум дека на крајот ќе ја пребродиме зимата, но тоа навистина ќе биде вистинска битка на карактери, рече украинскиот министер за надворешни работи.
ЕУ препорача отворање на преговорите со Украина, а Дмитро Кулеба смета дека и Украина и Србија припаѓаат на Европа, истакнувајќи дека тоа се европски земји кои имаат свои национални интереси.
-Ниту членството во ЕУ ниту во НАТО не може да ја запре оваа војна. Сепак, Украина како членка на ЕУ и НАТО е најдобриот начин да се спречат понатамошни војни на континентот и да се обезбеди безбедност и просперитет за сите европски нации, рече Кулеба.
Тој додава дека Киев го поддржува пристапот заснован на заслуги кога станува збор за влез во Унијата и ја повикува ЕУ да не ја повторува грешката со пролонгирање на пристапниот процес и со одолговлекување за сите земји кандидати, не само за Украина.
Во врска со учеството на Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, Кулеба посочи дека поради тоа тој не отишол таму, како и многу други шефови на дипломатии.
-Според нас, најдобар начин да се спаси ОБСЕ е Русија да не биде дел од таа институција. Други пак сметаат дека е важно Русија да остане во членството и затоа е поканет Лавров. Верувам дека дури и ако Лавров некаде се појави, не би требало да му е пријатно. Според извештајот што го добив, тоа било чувството и во Скопје на министерскиот совет, изјави Дмитро Кулеба за Еуроњус Србија. об/
Фото: Еуроњуз Србија