Култниот југословенски киоск „K-67“, од познатиот словенечки архитект и дизајнер Саша Махтиг, осамна на плоштадот „Тајмс сквер“ во Њујорк, САД, уште претходниот месец. Киоскот е поставен како дел од проектот „Тајмс сквер трансмисис 2021“ и се користи како ди-џеј штанд за пуштање музика.

Познатата „црвена кутија“ се наоѓа на авенијата Бродвеј и е едно од обележјата на словенечкиот индустриски дизајн. Модуларната структура на челик, стакло и фиберглас е еден од ретките вакви експериментални проекти од 1960-тите години. Трафиката „К-67“ беше неизбежна глетка во Југославија, а во него се купуваа весници, билети, а неретко и виршли и сендвичи…

Во 1999 година, производството на овој киоск запре, а дотогаш се произведени околу 7.500 примероци. Иако повеќето останаа во Југославија, голем број киосци беа извезени и во странство – Полска, Ирак, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, поранешниот СССР, но и во САД.

Во мај годинава, интернет-радиото „Лот“ од населбата Гринпоинт во њујоршката општина Бруклин, менувајќи ја својата локација, организираше група ди-џеи да пуштаат музика во живо од „Тајмс сквер“.

„Гроздово-црвениот киоск K-67 од 1960-тите стана диџејски штанд и ќе емитува во живо секој ден од 10 до 22 часот. Посетителите на Њујорк и ’Тајмс сквер‘ може да уживаат во мелодиите и сцените на самото место или преку интернет-видеоврска во живо на thelotradio.com “, се вели на официјалната интернет-страна на радиото.

Управителот на „Тајмс сквер“ се пошегува дека станува збор за внесување на мал дел од Европа во Новиот свет, додавајќи дека киоскот им се допаѓа на надлежните и може да остане таму засекогаш.

Оваа трафика може да се користи и како информативен пункт за туристи, но и за продажба на храна, пијалаци, книги, весници… Вакви киосци, меѓу другото, може да се видат и во Берлин, Германија, како и во Австралија каде што се користат како станици за мерење на квалитетот на воздухот