Тренерот на Барселона, Роналд Куман, е суспендиран два натпревара, откако беше исклучен вчера во поразот од Гранада (1:2), соопшти попладнево Шпанската фудбалска федерација.

Куман на натпреварот против Гранада на „Камп Ноу“ доби директен црвен картон во 66. минута поради вербални навреди кон четвртиот судија.

– Откако веќе беше предупреден, (Куман) повторно му пријде на четвртиот судија, обраќајќи му се со зборовите: „Каков лик“, напиша главниот судија Пабло Фернандес Фуертес во официјалниот записник од натпреварот.

Поради суспензијата Куман нема да седи на клупата на Барселона на натпреварите против Валенсија в недела, и против Атлетико Мадрид на 8 мај.