ЕУ треба да изврши притисок врз Софија во однос на преговорите за влез на Македонија, а со тоа и на Албанија, во Унијата, заради некакви историски прашања. Администрацијата на Бајден ја охрабрувам да продолжи да го истакнува ова, и ја охрабрувам ЕУ, која е најодговорна страна во случајот, да и даде до знаење на Софија дека вакви политички игри се недобредојдени, вели во интервју за дописникот на МИА од САД, професорот Чарлс Купчан, постар соработник во Советот за меѓународни односи во Вашингтон.
Според него, за конечно да се решат недоразбирањата со Софија и Македонија и Албанија да започнат преговори за влез во ЕУ, потребно е Бугарија и останатите влади во регионот силно да се посветат на демократски реформи и борба со корупцијата.
– И Бугарија и С. Македонија треба да завршат огромна работа дома. Да извршат демократски реформи, борба со корупцијата, да се ослободат од економијата на патрони, да го подобрат квалитетот на независните медиуми и многу друго. Бугарија и С. Македонија, како и другите земји во регионот, треба да го трошат целото свое време и енергија на реформи и привлекување инвестиции за подобување на животите на нивните граѓани. Да се навлегува во спорови за јазикот и историјата е непотребно и контрапродуктивно одвлекување на вниманието, всушност затоа и се употребува таа реторика, вниманието на јавноста да се одвлече од пропустите на власта која не си ја врши работата. Ги охрабрвам сите влади во регионот, вклучително и онаа на Бугарија, да престанат да играат историски и националистички игри, и да започнат со тешката работа за демократски развој и домашни реформи.
Со професорот Чарлс Купчан МИА разговараше за тековната блокада наметната од Бугарија за започнување на преговорите на ЕУ со С. Македонија како и за влијанието на големите сили САД, Русија и Кина на Балканот и во ЕУ.
Купчан е професор на Универзитет Џорџтаун, и добар познавач на приликите во постсоветскиот и балканскиот регион. Тој беше ангажиран како советник за европски прашања во Националниот совет за безбедност при администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама.
Професоре Купчан, како ја оценувате надворешната политика на Администрацијата на Бајден кон Балканот? Што треба Вашингтон да стори во однос на случајот со блокадата наметната од страна на Бугарија за пристапните преговори за влез на С. Македонија во ЕУ?
– За жал, Бугарите започнаа да играат на националистички карти. Со оглед на политичката нестабилност во Бугарија, некои политичари таму посегнаа по националистичка реторика и така се позиционираа. Но ова не е за изненадување, посебно на Балканот каде политичкиот натпревар многу често ја засилува националистичката реторика. Прашањето за македонскиот јазик и културата, дали јазикот бил западнобугарски или дали е посебен, е дебата која покренува политички одгласок, но тоа прашање е целосно несоодветно и контрапродуктивно. Да се задржуваат приговори за влез на С. Македонија, а со тоа и на Албанија, во ЕУ, а заради некакви историски прашања?! Таа страна која треба да постави доволен притисок врз Софија всушност е ЕУ. Но треба да бидеме искрени, со оглед на тоа што се случува во такви земји како Полска и Унгарија, Брисел се соочува со тешкотии во дисциплинирање на земјите членки кои заземаат некакви антилиберални или националистички насоки. Администрацијата на Бајден ја охрабрувам да продолжи да го истакнува ова, и ја охрабрувам ЕУ, која е најодговорна страна во случајот, да даде до знаење до Софија дека вакви политички игри се недобредојдени.
Македонскиот премиер Зоран Заев, по поразот на владејачката партија СДСМ на локалните избори неодамна, поднесе оставка и од премиерската и од партиската лидерска позиција. Според ваше мислење, дали оваа Влада води исправен курс за земјата и дали премиерот Заев треба да ја напушти позицијата?
– Договорот што сегашната Влада во Скопје го направи со Грција му дава морална обврска на Заев да продложи со започнатиот курс. Тој договор е големо остварување, голем исчекор напред, и затоа противењето на Бугарија и ставање сопки на патот на С. Македонија кон ЕУ е дотолку повеќе за жалење.
Да бидеме искрени, целата ситуација излезе дека е најтешка за Македонија. Иако таа се раздели релативно мирно од поранешна Југославија, стоеше долго во чекалната на повеќе меѓународни тела поради проблемот со името на земјата. Решавањето на прашањето за името побаруваше компромиси и политички жртви. И тоа беше вистинки исчекор напред, за што ми се чини дека соседите и партнерите во НАТО и во ЕУ треба да ѝ дадат голема поддршка на С. Македонија.
Дали сметате дека намерата на Бугарија да го блокира европскиот пат на С. Македонија е инспирирана не само од внатрешни сили туку и од надорешни фактори како Русија. Кремљ повеќе години води кампања на мешање во внатрешните работи на многу европски земји, со правење раскол и поткопување на јавното мнение и поддршка на екстремните партии и групи.
– Општо земено, шаблонот што го набљудуваме е дека Русија не е секогаш иницијатор на политичките поделби во регионот, но е многу добра во нивна злоупотреба. Ако погледнете што се случува меѓу Србија и Косово, или напорите што Црна Гора ги правеше за влез во НАТО, преговорите за името меѓу Скопје и Атина, сите овие проблеми беа тешки, и Русија беше секогаш спремна да ги направи уште потешки, со употреба на социјалните мрежи, со ставање притисок врз засегнатте страни. Дали сметам дека овие тековни случувања во односите меѓу Бугарија и С. Македонија се зготвени од кујната на Кремљ? Најверојатно не. Но, Кремљ несомнено поздравува вакви несогласици бидејќи сака регионот да остане несреден и ставен вон рамнотежа. Русија е за тоа земјите од регионот да не се зачленат во ЕУ бидејќи тоа движење ги носи во цврста западна прегратка. Можеме да се обложиме дека Русија ги експлоатира поделбите, но тие поделби секогаш потекнуваат одвнатре, од дома.
Истото може да се каже и за ситуацијата овде во САД. Дали Русија ја предизвика поларизацијата што ја набудуваме во Америка? Не. Дали таа е многу добра во експлоатирање на поларизацијата и во нејзино засилување? Да.
Дали ЕУ потфрли со идејата за проширување и средување на регионот и дали луѓете ја губат довербата во неа . Знаеме дека влијанието на Русија е мошне големо во земјите како Србија, С. Македонија и Бугарија. Дали народот во овие земји гледа на Русија како алтернатива на ЕУ?
– Сметам дека постои фрустрација во регионот, постои измореност од проширувањето во ЕУ, и видовме како тоа беше прилично експлицитно кажано од француската Влада претходно. Но не гледам дека сме пред некоја преломна точка од којa регионот се свртува засекогаш кон Русија. Сметам дека Русите продлжуваат да бидат спојлери, продолжуваат да се обидуваат да ги држат земјите вон рамнотежа и да ги спречуваат во придружувањето на евроатлантската заедница. Но, јас сум од оние кои веруваат дека оваа приказна ќе заврши добро, дека сите земји од полуостровот, од поранешна Југослаија, порано или подоцна ќе се зачленат во ЕУ и НАТО. Прашање е само како ќе дојдеме дотаму и кога.
Ако погледнеме наназад во изминатите 20 години, чашата изгледа полунаполнета отколку полупразна. Словенија и Хрватска станаа полноправни членки. С. Македонија го реши прашањето околу името на земјата. Постојат уште некои нерешени проблеми, како оние со Србија и Косово, ситуацијата во Босна и овој сегашниов со Бугарија и Македонија, но јас не ги гледам овие проблеми како нерешливи, како нешто што постојано ќе го обременуваат регионот.
За тековниот геополитички судир меѓу Русија и Кина од една и САД и Западот од друга страна. Каде води овој судир? И дали Администрацијата на Бајден е подготвен да даде соодветен одговор, како на Русија така и на Кина?
– Партнерството што постои меѓу Русија и Кина го засилува влијанието на двете земји. Тие се поддржуваат една со друга, ги координираат своиете дипломатии, во ОН и во други тела, и коалицијата на Москва и Пекинг изледа прилично солидна. Сметам дека шансите за некаков значаен исчекор во односите како со Пекинг така и со Москва се многу мали, а во меѓувреме, мислам дека Администрацијата на Бајден осознава дека живееме во еден глобализиран и меѓузависн свет во кој треба да се изнајде начин да се работи низ идеолошките линии на поделба. И од таа причина сметам дека Бајден се сретна со Путин во Женева, постојат работни групи, средба за стратешка стабилност, се покренуваат прашања за кибер безбедноста, пред некој ден имаше тричасовен дијалог Бајден – Си Џинпинг. Коридорите за комуникација се отворени, но не можам да бидам целосно убеден дека ќе видиме некаков значеан исчекор.
Загрижувачки е тоа дека Русите распоредуаат прилично голема војска на границата со Украина, и загрижувачки е што тие или го поддржуваат или ги толерираат акциите на (белорускиот диктатор Александар) Лукашенко со злоупотреба на мигрантите како оружје, а Русите не се повлекуваат од хакирање на системите на другите земји. Во овој момент не гледаме некаков почеток на сериозно подобрувања на односите како со Москва така и со Пекинг.
Тоа важи и за Европа, каде постои скептицизам како во однос на Русија така и за Кина. Мислам дека погледите на САД и на европските земји околу ова прашање се спојуваат, посебно кога се работи за Кина. Во Германија постои сѐ поголем скептицизам кон Кина.
Исто така, не очекувам руска инвазија на Украина. Мислам дека Русија го употребува движењето на своите трупи да ја дестабилизира Украина и да привлече внимание околу ова прашање. Но Путин знае дека ако нареди отворено придвижување на воени сили во Украина, ако се обиде да ја прошири територијата на сепаратистите, ако тие зедат под своја контрола поголем дел од земјата од оној што сега го имаат, тоа ќе придонесе кон сериозна деструкција на односите со ЕУ и САД. Би бил многу изненаден доколку се случи тоа.
Вашата препорака до тековната Влада во Скопје и до политичките лидери во Софија, каде влада се уште нема и по уште еден изборен циклус. Кој е вашиот совет за конечно да се решат недоразбирањата и С. Македонија и Албанија да започнат преговори за влез во ЕУ.
– И Бугарија и С. Македонија треба да завршат огромна работа дома. Да извршат демократски реформи, борба со корупцијата, да се ослободат од економијата на патрони, да го подобрат квалитетот на независните медиуми и многу друго. Бугарија и С. Македонија, како и другите земји во регионот, треба да го трошат целото свое време и енергија на реформи и привлекување инвестиции за подобување на животите на нивните граѓани. Да се навлегува во спорови за јазикот и историјата е непотребно и контрапродуктивно одвлекување на вниманието, всушност затоа и се употребува таа реторика, вниманието на јавноста да се одвлече од пропустите на власта која не си ја врши работата. Ги охрабрвам сите влади во регионот, вклучително и онаа на Бугарија, да престанат да играат историски и националистички игри, и да започнат со тешката работа за демократски развој и домашни реформи.
Борис Камчев за МИА