Австрискиот канцелар Себастијан Курц тврди дека Австрија нема да прифати нови бегалци од Авганистан.

-Ситуацијата во Авганистан е драматична, но Австрија ќе ја засили својата помош на лице место и нема да ги повтори грешките од 2015 година, рече Курц за телевизијата Ое24.

Тој посочи дека не видел „голема кавга“ во рамките на владејачката коалиција во врска со ова прашање, како и за борбата против климатските промени.

Курц одби да одговори на критиките на функционерите на коалицискиот партнер, партијата на Зелените, во врска со политиката кон бегалците, изјавувајќи дека доколку има што да им каже, тоа нема да го направи преку медиумите, туку директно. Тој само ја искоментира изјавата на лидерот на Зелените и вицеканцелар, Вернер Коглер, кој го обвини за нечовечко однесување, кажувајќи дека е жално што некој суди за другиот.

Запрашан за протерување на Авганистанците кои го прекршија законот во Австрија, Курц рече дека и натаму ќе има протерувања, потсетувајќи дека повеќето од „Даблинските случаи“, односно, лицата кои во Австрија дошле преку други земји од ЕУ, таму и можат да се вратат.