Секој трет Австриец кој сака да се вакцинира против коронавирусот ќе ја прими барем првата доза до крајот на неделава, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.

– Ние сме на последните метри што се однесува до победата над пандемијата, рече Курц денеска во Виена.

Тој додаде дека некои покраини наскоро ќе го завршат процесот на вакцинирање лица над 65-годишна возраст. Досега, 1,6 милиони жители примиле прва доза вакцина, соопшти Министерството за социјални работи.

Се смета дека околу пет милиони луѓе од вкупно 7,5 милиони над 16-годишна сакаат да се вакцинираат.

Стапката на инциденца за седум дена – бројот на новозаразени на 100.000 жители во рок од една недела – во Австрија е околу 210.

– Во моментов, состојбата во врска со новите инфекции е стабилна, рече Курц. Според него, најдоцна до мај, би требало да биде можно да се преземат понатамошни чекори за отворање на земјата, со цел да се отворат ресторани, спортски и културни настани.

Провинциите Виена и Долна Австрија се целосно затворени од 1 април до веројатно 2 мај поради притисокот врз болниците. Бургенланд, на границата со Унгарија, планира следната недела повторно да ги отвори деловните активности во трговијата и услугите. Во другите шест провинции, сите продавници се отворени од 8 февруари.