Вицепремиерот Кочо Анѓушев синоќа објави дека откако се на власт имаат отворено 59.654 нови работни места, а денеска СДСМ соопшти дека имаат „само“ 54.000, па јавноста е збунета со бројките.

– Економските политики и мерки на СДСМ даваат реални и видливи резултати. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на невработеност изнесува 17,1 отсто. Тоа е историско најниско ниво на невработеност. За нешто повеќе од две години отворени се над 54.000 работни места доминантно во приватниот сектор. Со официјалното членство во НАТО но и со активните мерки за вработување на Владата предводена од СДСМ ваквиот тренд на опаѓање на невработенсота ќе продолжи да се намалува и во следната година. На прав пат сме, продолжуваме да градиме развојна и конкуретна економија и да поттикнуваме економски раст и развој и отворање на нови работни места со што придонесуваме за дополнителен пад на стапката на невработеност, соопшти денеска Центарот за комуникации на СДСМ.

Синоќа, пак, вицепремиерот Анѓушев на својот Фејсбук профил го објави „историски нискиот рекорд“ од 17,1 отсто невработеност и новоотворени 59.654 работни места.

– Во третиот квартал на 2019 година невработеноста се намали на рекордно ниски 17,1 отсто, објави Анѓушев.

И додека Анѓушев и СДСМ се договорат чии бројки на новоотворени места се точни, јавноста на социјалните мрежи бурно реагира дека најголема заслуга за „историскиот пад на невработеноста“ има масовното иселување особено на младите од Македонија.

(Д.Г.)