Лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти изјави дека Косово и Албанија и натаму се заложници на Србија и дека треба повеќе да соработуваат меѓу себе, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти на денешната прес конференција изјави дека соработката меѓу Албанија и Косово не е на потребното ниво, за што ги обвини владите на двете земји, а на Тирана и порача дека нејзината надворешна политика треба да ја следи Приштина, а не Белград.
На овој начин Курти реагираше на пораката на албанскиот министер за трговија Арбен Ахметај, кој по вчерашната средба во Тирана со неговиот српски колега Синиша Мали, напиша на Фејсбук дека Приштина не требаше да воведе такса од 100 отсто на производите од Србија. Таквите такси, напиша Ахметај, се „нездрави за економиите на двете земји“ и штетни за населението, но по бројните реакции, посебно од Косово, денеска го избриша коментарот.
– Јас верувам дека албанската дипломатија во однос на Србија треба да го следи Косово. Меѓутоа, не неговиот претседател (Хашим Тачи). Не можеме да имаме две различни политики кон Србија, бидејќи сме еден народ со две држави, изјави Курти.
Лидерот на ВВ ги наброја и областите во кои Албанија и Косово треба да ја продлабочат соработката.
– Потребен ни е дух на соработка, заеднички пазар, заеднички конзулати, заеднички полициски и воени академии и заеднички образовни програми. Освен тоа, потребно е и јавно рапортирање за реализирањето на договорите, изјави Курти.