Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи седница за случувањата долж границата на Појасот Газа и Израел.
Во вчерашните протести организирани поради дислоцирањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим израелската армија уби 58 Палестинци, а најмалку 2.700 се повредени.
Одржувањето на седница синоќа побара Кувајт, додека претставникот на Палестинците во ОН побара од СБ да го осуди убивањето на Палестинците. Од друга страна израелскиот претставник во ОН побара од СБ да го осуди Хамас, кој ги предводеше протестите поради отворањето на новата Амбасада на САД во Ерусалим.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчерашната акција на Израел на границата со Појасот Газа ја оцени како самоодбрана. Тој потенцира дека акцијата е насочена против палестинското движење Хамас.
– Секоја земја има обврска да ги брани своите граници. Терористичката организација Хамас објави дека планира да го уништи Израел и да испрати илјадници луѓе да ја пробијат граничната ограда, за да ја постигне својата цел. Продолжуваме одлучно да дејствуваме за да го заштитиме нашиот суверенитет и нашите граѓани, напиша Нетанјаху на Твитер.
Претходно, палестинскиот претседател Махмуд Абас истакна дека отворањето на Амбасада на САД во Ерусалим создаде нестабилност во регионот.
– Со ово чекор (преместување на Амбасадата) американската администрација ја заврши својата улога во мировниот процес и го навреди светот, палестинскиот народ, арапските и исламските нации и создаде нестабилност, истакна Абас.
Додека Палестинската ослободителна организација (ПЛО) повика на генерален штрајк ширум Западен Брег и Појасот Газа како одговор на инцидентите на границата помеѓу Израел и Појасот Газа.
Членот на Извршниот комитет на ПЛО, Васел Абу Јусеф најави „тотален штрајк“ ширум палестинските територии за да ги „жалат мачениците“, кои загинаа денеска во Газа.
Белата куќа синоќа го обвини Хамас е одговорна за насилствата во Појасот Газа.
– Одговорноста за трагичната смрт на тие луѓе целосно е на Хамас. Хамас смислено и цинично испровоцира таква реакција, изјави портпаролот на Белата куќа, Раџ Шах.