Првата дама на САД Меланија Трамп (48) била на операција на бубрег во Воено медицинскиот центар Волтер Рид во Вашингтон, се наведува во соопштението на Белата куќа. Меланија Трамп имала проблеми со бубрегот, а нејзината канцеларија здравствените проблеми ги оценила како бенигни, но сепак како проблеми поради кои операцијата била нужна. Била изведена постапката наречена емболизија. Зафатот бил успешен без проблеми, се наведува во соопштението потпишано од Стефани Гришам, шефица за комуникации.

„Г-ѓа Трамп се наоѓа во Волтер Рид и таму најверојатно ќе остане до крајот на неделата“, соопштила Гришам.

Доналд Трамп се наоѓал во Белата куќа за време на операцијата, а неговата посета на сопругата се очекува наскоро.

Последна прва дама на САД која имала сериозен оперативен зафат додека се наоѓала во Белата куќа е Ненси Реган на која и била извршена мастектомија во 1987 година.