Шпанските гиганти Реал и Атлетико Мадрид ги здружија силите да започнат со собирање средства за да им помогнат на најпогодените семејства во шпанската престолнина погодена од пандемијата КОВИД-19.

– Главниот град Мадрид уште еднаш го покажа патот до единство, пожртвуваност и решителност. Ние се соочуваме со една од најтешките ситуации во нашата понова историја, но ние ќе ја надминеме заедно, рече претседателот на „кралевите“, Флорентино Перез во видеото објавено од двата клуба.

Реал Мадрид и Атлетико Мадрид заеднички ја започнаа иницијативата „Мадрид за Мадрид“, од која ќе имаат корист најранливите луѓе во општеството.

Претседателот на Атлетико, Енрике Сересо додаде: „Целиот град може да застане обединет во поддршка на нашата кампања, која мора да им помогне на луѓето кои минуваат низ најтешката фаза од нивните животи“.

Шпанија е втора најпогодена земја во Европа од пандемијата од коронавирус, откако пријавени се повеќе од 27.000 смртни случаи, од кои 8.000 се во главниот град на земјата.

Строгата и насочена блокада на земјата буквално ја парализира економијата. За последниот месец, 5,2 милиони луѓе се регистрирале во канцелариите за вработување за да добиваат социјална помош.