Италијанскиот весник „Ла верита“ во денешното продолжение за скандалот за тоа како Македонија ги набавувала кинеските вакцини, ги објавува писмата на министерот за здравство Венко Филипче до кинескиот производител на вакцини „Синофарм“, но преку една компанија од Хонг Конг формирана во 2017 година. Оваа фирма „Стабри“, е сосема друга од она што премиерот Зоран Заев го изјавуваше деновиве, дека се работи за компанија блиска до „Синохидро“ чија компанија мајка е „Пауер Чајна“.
Во писмото на министерот Филипче испратено на 25 јануари до кинеската компанија „Синофарм“ се вели дека ја ослободува компанијата, односно Кина, од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова, според „Ла верита“, е спротивно на многу меѓунариодни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.
-Веќе е јасно дека лани во декември Кина добила барања, речиси во исто време, и од Македонија и од Црна Гора. Фактот што само вториве успеале да добијат вакцини, ни кажува дека со Скопје и комунистичкиот режим во Пекинг има мака да најде модалитет за соработка, со цел да биде заштитен од евентуални критики поврзани со менаџирањето на т.н. здравствена дипломатија, пишива новинарот на „Ла верита“ Џовани Каподистрија.
Вчера италијанскиот весник пишуваше дека причина за враќање на авансот платен од Македонија од страна на кинеската држава е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом посредничка фирма, со седиште во Хонг Конг, која немала стабилни темели, но имала големи финансиски депозити во германската „Дојче банк“.
Премиерот Зоран Заев и вчера потврди дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против ковид-19. Тој рече дека Владата се обидела на секој начин да дојде побрзо до вакцини за граѓаните.
-Апсолутно негирам какви било лоши намери и незаконски дејствувања. Имавме писма за интерес преку повеќе компании, не само во Кина“, рече премиерот Заев, додавајќи дека сепак за набавката на кинеската вакцина се одлучило да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР. Тој додаде дека кинеските компании што работат во Македонија, биле контактирани за вакцините побрзо да стигнат во земјава. Во целата нарачка ни помогна „Пауер Чајна“, мајка компанија на „Синохидро“, фирмата што ги гради патиштата во Македонија. Се обративме преку таа фирма. Покрај амбасадата, се обидувавме и преку неа со вртење на телефоните, преку сѐ кинеско што имаме овде, а тоа е компанијата што работи овде, рече Заев.
Писмата на Филипче до Пекинг, и тоа од 25 декември 2020 и од 25 јануари 2021 година, оделе преку фирмата „Стабри интернешнл“ (Starbi International) во Хонг Конг. Фирмата е основана во 2017 година, не се знае колку вработени има, а нема медицинско ниту фармацевтско портфолио.