Зоран Заев и неговиот говор на омраза е инспирација за СДСМ и неговите функционери. Навредите на Зоран Заев кон новинарите и кон лицата со поинаква сексуална определба, продолжуваат со срамни навреди кон жените, пласирани врз основа на лажни вести од кујните на СДСМ.
Ова денеска го нагласи Благица Ласовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува говорот на омраза упатен кон Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од страна на музичарот Златко Ориѓански кој од владата на СДСМ и Зоран Заев е поставен за директор на Центарот за култура на Македонија во Тирана. Говорот на омраза искажан преку мизогинија, шовинизам и сексизам е крајно недоличен и срамен особено кога станува збор за лице кое треба да ја застапува македонската култура во соседството. Господине Ориѓански, поклонувањето пред споменикот на Методија Андонов Ченто е симбол на почит кон човекот кој како прв претседател на Президиумот на АСНОМ ги постави темелите на државотворноста на Република Македонија. Обидот за исмевање на ваквиот чин преку ширење на лажна вест, шовинизам и сексизам, покрај тоа што е навреда за сите жени е навреда и кон државата, рече Ласовска.
Таа упати повик до СДСМ јавно да се оградат од ваквото недолично однесување.
– Ги повикуваме СДСМ јавно да се оградат и да го осудат недоличното однесување на нивниот директор, а воедно го повикуваме и Златко Ориѓански да се извини не само на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на сите жени во Република Македонија. Го повикуваме Зоран Заев и Владата да преземат мерки против Ориѓански, доколку не стојат зад неговите навреди. Очекуваме и Комисијата за заштита од дискриминација и невладиниот сектор да го осуди ваквото срамно однесување на функционерите на СДСМ. Очигледна е нервозата во редовите на СДСМ, па токму затоа со спуштање на нивото, лажни вести и валкана пропаганда се обидуваат да ја дефокусираат јавноста од вистинските проблеми на граѓаните кои како власт не се способни да ги решаваат. Во јавниот простор не смее да има место за говорот на омраза, а особено не за шовинизам и сексизам упатени кон жените во Република Македонија, рече пратеничката Ласовска.