Згрозени сме и загрижени од веста објавена во медиумите дека пратеник од СДСМ во текот на вчерашниот ден си ја претепал сопругата, изјави денеска пратеничката Благица Ласовска, која е и претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ.
– Во ек на 16 дена активизам против родовото насилство, функционери високи од власта тепаат жени. Власта која лажно промовира родова еднаквост на дело покажува неказнивост за семејно насилство и сексуално малтретирање на работно место. Пратеничкиот имунитет не смее да биде заштита за тепач на жени и семеен насилник. Ја повикуваме полицијата во најбрз можен рок да го расчисти овој случај и да поднесе соодветна кривична пријава, изјави Ласовска.
Тепањето на жени од страна на функционери на власта, вели Ласовска, ја покажува неказнивоста која мислат дека ја имаат.
– Ист е и така примерот со сексуалното насилство во станицата во Гази Баба, за која уште нема информации до каде е постапката. Насилниците врз жени не смеат да останат неказнети. Доколку институциите не постапуваат и се обидуваат да ги спасат функционерите на СДСМ, тие ќе се соочат со кривична одговорност по промената на власта на 12-ти април. Дополнително ги повикуваме и колешките пратенички на СДСМ да го осудат ова насилство и да побараат одговорност од пратеникот, рече Ласовска.