Соединетите Држави ќе се соочат со „опасни последици“ доколку продолжат да ја зголемуваат воената помош за Украина, наместо да го поддржат предложеното руско решение со кое Москва ќе преземе делови од територијата, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во ексклузивно интервју за американски „Њузвик“.
Повеќе од две и пол години откако Владимир Путин нареди „специјална воена операција“ против Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Кремљ нуди остварлив план за запирање на крвопролевањето и обнова на европската безбедносна архитектура. Тој го обвини НАТО предводен од САД дека прво го посеал семето на војната пред една деценија и дека продолжил да го разгорува огнот.
„Русија е отворена за политичко-дипломатско решение кое треба да ги отстрани основните причини за кризата“, рече тој. „Треба да се стремиме да го прекинеме конфликтот, а не да постигнеме прекин на огнот“, рече Лавров.
Рускиот план предвидува Украина да ги отстапи покраините Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје, кои во поголемиот дел, но не во целост, се под руска контрола, а кои Москва формално ги анектираше по меѓународно оспоруваниот референдум во септември 2022 година, како и Крим, кој Русија го зазеде и го анектираше со слично гласањњ во 2014 година.
Киев, исто така, ќе мора да се откаже од членството во НАТО алијансата, според руските водачи. Лавров вели дека основата за прекин на огнот би можеле да бидат преговорите во Истанбул во 2022 година, кои вклучуваа откажување од членството во НАТО и признавање на независноста на руските делови од автономните региони Доњецк и Луганск, но сега вели дека новите преговори треба да ја земат предвид „состојбата на терен“.
Украина и западните сојузници наместо тоа бараат безусловно повлекување на Русија, додека Москва рече дека ескалацијата на конфликтот го приближува НАТО до директен конфликт со Русија, која има најголеми резерви на нуклеарно оружје во светот и е една од двете нуклеарни суперсили, заедно со САД.
„Во моментов, колку што можеме да видиме, враќањето на мирот не е дел од планот на нашиот противник. Зеленски не го отповикал указот за забрана на преговорите со Москва“, рече Лавров.
„Вашингтон и неговите сојузници во НАТО обезбедуваат политичка, воена и финансиска поддршка на Киев за да продолжи војната. Тие дебатираат за овластување на украинската војска да користи западни ракети со долг дострел за да напаѓа длабоко во руската територија. Играње со оган во овој начин може да доведе до опасни последици“, предупредува Лавров.