Време е да престанете да играте на картата за храна, денес, лавовскиот дел од резервите на жито од Украина оди по дампинг цени за сточна храна во Европската унија, а не во најсиромашните земји, рече рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, на собирот Г-20 во Њу Делхи.
– Солидарни сме со повикот на Њу Делхи за заедничка иднина за човештвото, што е особено актуелно во контекст на растечката геополитичка конфронтација. Ги споделуваме практичните задачи поставени од индиското претседателство – зајакнување на мултилатерализмот и надминување на кризите во светската економија, рече Лавров.
Тој обвини дека дел од западните делегации, на самитот во Индија, „агендата на Г20 ја претворија во фарса во обид да ја префрлат својата одговорност за неуспесите во економската политика кон другите, пред сѐ кон Русија“.
– Формирањето на полицентричен свет бара признавање на цивилизациската различност и взаемно почитување на интересите. Неопходно е да се напушти погрешната логика на доминација, диктат и санкции. Го поздравуваме порастот на нови центри на влијание во Азија, Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка, рече рускиот шеф на дипломатијата.
Време е, додаде Лавров во обраќањето, да престанете да играте на картата за храна.
– Денес, лавовскиот дел од резервите на жито од Украина оди по дампинг цени за сточна храна во ЕУ, а не во најсиромашните земји. Извозот на руски земјоделски производи е подложен на отворени пречки низ целиот свет. Западот бесрамно ја закопува познатата хуманитарна иницијатива на Генералниот секретар на ОН. Ќе продолжиме да даваме значаен придонес во обезбедувањето економска стабилност. Отворени сме за рамноправен дијалог во Г20. Се надеваме дека самитот во Делхи во септември оваа година барем делумно ќе ги неутрализира ризиците од себичната политика на Западот, рече Лавров.
(Д. Г.)