Помалите штипски пекари ја намалија цената на лебот и се продава за 3 денари поевтино од смрзнатата цена, а рафтовите во пекарите се полни.

– Лебот се продава по цена од 30 денари и леб ќе има. Немаме проблем со производство и со дистрибиција на леб во Штип. Ние не се придржуваме кон заканите, бидејќи ние мора да произведуваме за Штип и околината, изјави Николче Малинов, сопственик на пекара за ТВ Сител.

По најавата дека леб ќе нема, некои штипјани побрзаа со складирање на залихи, а други се подготвени самите да си месат, објави ТВ Сител.

Гевгелиската пекара Cake&Bake од изутрината е преполна со граѓани кои поитаа да се снабдат со леб по цена од 33 денари. По еднодневната пауза, откако беа повикани пекарите да не доставуваат бел леб по замрзнати цени, сопствениците на пекарата одлучија дека интересот на граѓаните е најважен, објави Дојче веле.

– Греота е да им скусиме леб на луѓето. Во оваа криза, кога лебот е основен за да се прехранат голем број семејства, ние одлучивме дека треба да продолжиме со работа и да го продаваме белиот леб по цена од 33 денари, вели за Дојче веле, Велика Карагонова Созуер, сопственичка на пекарата.

Како што објавивме денеска, во Скопје пекарите не доставуваат леб и бараат средба со претставници на Владата.

– Нашата одлуката останува во сила. И денеска нема да се ипорачува леб на пазарот. Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова и се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив, потенцира претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Вчера, пак, пекари од Косово, како што објави поратлот на албански јазик Лидери.мк велат дека се подготвени да носат леб во Македонија и за 27 денари.

(Д. Г.)