Од руски аспект, преговорите со Украина не одат добро, но има одредена надеж за компромис, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за ТВ РБК, пренесува ТАСС.
– Се водам од оценките дадени од нашите преговарачи. Тие наведуваат дека преговорите не одат добро од очигледни причини, но сепак постои одредена надеж за постигнување компромис. Таква оценка даваат и некои претставници на украинската делегација, на украинската страна, вклучително и вработени од кабинетот на претседателот (Володомир) Зеленски, рече Лавров.
Тој истакна дека агендата за разговорите во неколку наврати јавно ја соопштувал рускиот претседател Владимир Путин.
– Тоа се прашања кои се однесуваат на безбедноста, спасувањето на животите на луѓето во Донбас, спречувањето Украина да стане постојана закана за безбедноста на Руската Федерација и спречувањето на повторното оживување на неонацистичката идеологија во Украина, која е забранета во целиот свет вклучително и во цивилизирана Европа, додаде тој.
Лавров рече дека секогаш има шанси да се реши ситуацијата околу Украина.
– Секогаш има шанси. Во крајна мера, како дипломат, немате право на друг одговор и други постапки, рече Лавров.
Лавров рече дека Русија ќе биде подготвена за контакти со украинската страна во иднина, но мора да се разбере каква ќе биде додадената вредност, пренесува ТАСС.
Тој наведе дека претседателот на Украина Володимир Зеленски побарал од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин да се одржи министерски состанок во Анталија на маргините на дипломатскиот форум.
– Со оглед на тоа што беше примено такво барање, претседателот ми наложи да одржам таков состанок и да слушнам што има да понуди г-дин (Дмитро) Кулеба, додаде Лавров.
– Тој рече дека не дошол за да повторува јавни изјави. Се заинтересирав уште повеќе. Но час и половина во средбата, разговарајќи во присуство на турскиот министер (Мевлут Чавушоглу) и покрај моите три или четири потсетувања дека би сакал да слушнам нешто што не е од јавниот простор, тој не изнесе нови идеи, тврди Лавров.
Шефот на руското МНР повика да им се даде можност на преговарачите на Руската Федерација и Украина да работат во мирна атмосфера.
– Би дал можност на преговарачите да работат во порелаксирана атмосфера, без подгревање нова хистерија, рече Лавров, коментирајќи одредени изјави на украинската страна за текот на преговорите.
– Во процесот на преговори меѓу Руската Федерација и Украина има конкретни формулации кои се блиску до договор, вели Лавров надевајќи се дека деловниот дух што се манифестира кај претставниците на Киев ќе овозможи да се договори темата за неутралниот статус на Украина.
– Навистина се надевам дека деловниот дух, кој не се појавува веднаш и не е лесен, но сепак почнува да се манифестира, се надевам дека ќе надвладее. Тоа дава надеж дека ќе можеме конкретно да се договориме на оваа тема, рече тој, мислејќи на неутралноста на Украина.
– САД играат одлучувачка улога во одредувањето на позицијата на властите во Киев. „Сега не гледаме никаков интерес од страна на Соединетите Американски Држави за овој конфликт да се реши што е можно поскоро, оцени шефот на руската дипломатија.
Лавров рече дека одговорот на НАТО на повиците на Украина го оладил жарот на Зеленски.
– Се сеќаваме како претседателот Зеленски неодамна, пред неколку недели, зборуваше за потребата НАТО да го затвори небото, да почне да се бори за Украина, да регрутира платеници и да ги испрати на фронтот. Алијансата, во која сè уште има здрави луѓе, го олади овој жар, смета Лавров.