Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека уапсената Русинка, Марија Бутина е во притвор во САД врз основа на „фабрикувани обвиненија“ и оти треба да биде ослободена.

Според руското Министерство за надворешни работи, Лавров и Помпео разговараа и за подобрување на билатералните односи, ситуацијата во Сирија и регионот, како и за заедничка акција на Русија, на САД и на други земји за решавање на хуманитарните проблеми на Сирија и за напорите за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Бутина (29), активистка за правото на оружје, уапсена е на 15 јули под обвинение за завера поради спороведување активности во интерес на странска држава. На 18 јули на Бутина и е одреден притвор до судењето, откако Обвинителствто изнело сомнеж дека таа е поврзана со руска разузнавачка служба и оти може да побегне од САД.

Руската активистка е обвинета дека работела со висок руски претставник и двајца неидентификувани американски државјани со цел да се инфилтрира во организација за право на оружје во САД и да влијае врз надворешната политика на Вашингтон кон Москва.

МИА