Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија не сака, ниту планира, војна со Европа, но доколку европските земји почнат конфликт, одговорот на Москва би бил „поинаков и многу краток“.
На конференцијата за евроазиска безбедност во Минск, Лавров рече дека засега нема перспектива за реален дијалог со Европа и го обвини Западот дека се обидува да го прошири своето влијание врз источниот дел од Евроазија, како и врз Арктикот, каде што, според него, Европската Унија формулирала „отворено милитаристичка конфронтациска стратегија“, објавија руските медиуми.
Зборувајќи за украинската криза, Лавров изјави дека Русија не инсистира на привремен прекин на огнот, туку на трајно решавање, како што рече, на нејзините коренски причини вклучувајќи ги безбедносните закани за Русија, правата на руското и рускојазичното население и, како што изјави, искоренување на нацистичката идеологија и практиките.
Тој оцени дека повиците за прекин на огнот имаат цел да му дадат на Киев „одмор“ и враќање на неговиот борбен потенцијал со поддршка на странски спонзори, а плановите на Лондон и Париз за распоредување меѓународни „сили за стабилизација“ во Украина ги опиша како обид за стабилизирање на, како што рече, „отворено нацистички режим“.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Лавров рече дека военото присуство на надворешни актери не гарантира безбедност, туку ги зголемува ризиците.
Зборувајќи за рускиот предлог за нов систем на колективна безбедност, Лавров рече дека Москва не предлага нова трка во вооружување, туку заедничка процена на безбедносната состојба и воспоставување систем на меѓусебни гаранции.
Четвртата меѓународна конференција за евроазиска безбедност се одржува во Минск на 3 и 4 ноември, со учество на повеќе од 600 претставници од 50 земји.
Фото: архива




